Директорот д-р Диме Коцев вели дека цел на новото раководство е модерна установа и задоволни пацинети.
Нема повеќе породувања со медицински сестри во кавадаречката болница како во минатото, сега е ангажиран постојан гинеколог, вели доктор Диме Коцев, директор на оваа регионална здравствена установа. Нагласува дека кога дошол на функција пред околу осум месеци, оваа општа болница имала долгови од над 500 илјади евра. Во изминатиот период, додава, интензивно се работело за подобрување на состојбите и тоа во неколку насоки.
-Нема веќе носење греалки од дома за греење на болничките соби, како порано. За разлика од тогаш, сега болницата е топла и чиста. Опремувањето пак, трае континуирано. Се стави во функција сондата за ехо на срце во кардиолошката амбуланта, за прв пат во установата, пациентите од регионот веќе не мораат да одат во Скопје. Беше донесен и активиран колоноскоп или апарат за испитување на дебелото црево како донација од Дрекслмаер, па сега пациенти од други региони доаѓаат кај нас. Обезбедивме и донација на ново санитетско возило, претходните возила беа стари и дотраени и беа вистински ризик за пациентите, вели директорот.
Коцев кој е специјалист уролог, потсетува дека здравствениот објект е изграден пред триесетина години и дека имаше бројни забелешки во поглед на неговото функционирање во минатото. Нагласува дека цел на новото раководство е модерна установа и задоволни пацинети.
-Реконструирани се и осветлени скалите кои водат до установата, кои претходно беа целосно руинирани. Поставивме и ограда околу болничкиот објект, како и портал на влезот од болницата. Ќе ставиме и влезна порта, а ќе ја реновираме и чуварата. Паркингот и понатаму ќе остане бесплатен. Инаку, оградата и болничкото комбе ни се донација од компанијата ИГМ Трејд. Го нема и некогашното грдо лице на болницата, се мисли на тоалетите кои ги реновиравме за прв пат по изградбата на установата. И не застануваме тука, нагласува директорот.
Најавува уште многу позитивни промени.
-Во соработка со Министерството за здравство и со Владата на Република Македонија, се планира во болницата наскоро да се донесе апарат за најсовремена компјутеризирана томографија и други нови апарати, или да се заменат застарените, соопштува тој.
-Во моментов се прават и нови настрешници на влезовите, а летото ќе се реконструира и целата фасада на објектот со средства од приватен донатор, информира Коцев.