Директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност Кавадарци Д-р.Диме Коцев во денешната изјава и честитка им оддаде признание на здравествените работници, и порача да осанеме доследни на препораките на Владата.
„Почитувани ,
Причината за моето денешно обраќање е - Светскиот ден на здравјето - 7ми Април.
Го одбележувавме во некои посреќни денови. Но сега овој ден ќе биде посветен за подигање на свеста кај граѓаните за своето здравје и здравјето на своите најблиски.
Секоја година во чест на овој ден, Светската здравствена организација одбира тема која е релевантна во изминатата година. Оваа година темата самата се наметна – COVID 19 и борбата против неа. Затоа , целиот свет овој ден го посветува на здравствените работници.
Светскиот ден на здравјето е ден кога се слави напредокот на медицината и се изразува благодарност до сите медицински лица ширум светот за здравствената нега што ја пружаат на пациентите. Во овој момент токму тоа е најпотребно. Денес , кога здравствените работници се во првите редови во битката против COVID 19, неуморно пружајќи помош на оние на кои им е најпотребна без грижа за сопствената сигурност и здравје, треба секојдневно да им бидеме благодарни и да им дадеме до знаење дека ги поддржуваме.
Дозволете да нагласам дека , оваа година за ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кавадарци е јубилејна, односно се навршуваат 30 години од постоењето на болницата. Ја користам приликата , да им оддадам почит и да им се заблагодарам на сите вработени , кои во минатото со својата работа допринеле за развојот на истата, а особено на оваа генерација која ДЕНЕС се соочува со најголемиот предизвик од основањето на болницата до сега. Благодарен сум за нивната заложба и напорите кои секојдневно ги вложуваат во борбата против оваа болест. Воедно ги замолувам да бидат внимателни, да се штитат себеси и соодветно да ја користат заштитната опрема , затоа што само во тој случај ќе може да одговориме на предизвикот и да ја обезбедиме потребната здравствена нега на пациентите.
За крај, на сите здравствени работници им го честитам Денот на здравството а на сите граѓани им посакувам многу здравје , со надеж што побрзо+ да го победиме овој невидлив и непредвидлив непријател.„
се наведува во изјава на Д-р.Диме Коцев.
подготиви:М.Димитров