Винскиот карневал- годинава имаше само 15 поставки.
Повеке илјади граѓани на Општина Кавадарци и гости од Македонија и надвор од неа синоќа на улиците во центарот на градот а пред се на Градскиот плоштад,ја следеа централната манифестација на годинашниот Тиквешки гроздобер, Винскиот карневал.
Карневалот годинава имаше помал број постановки од вообичаеното, наместо 20, беа застапени петнаесетина поставки. Не беа присутни џаламарите и маските од Бегниште, Ресава и Сопот, но имаше од Грција, Бугарија ,Србија и од неколку градови од Македонија (Струмица,Прилеп) и секако од Кавадарци.
По долги години, годинава карневалот наместо градскиот оркестар и знамињата на градот и државата, карневалот го предводеше музичкиот трактор, кој го најавуваше доаѓањето на винскиот крал и кралица, Кристијан Ивановски и Елена Радулова. Веднаш зад нив беа поставени чуварите на доброто од злото, маска на СОЗШУ „Ѓорче Петров“, за потоа да следат поставките Дами и принцези и секогаш атрактивните девојки од балетското студио „Венус“.
Прекрасните фустани и играта на девојките од поставка „Како Ана Траје“ од Лесковац заедно со уличните забавувачи беа дел од најголемата атракција на фестивалот, иако помал не беше и интересот за поставките од средното училиште „Никола Карев“ и основното училиште „Герас Цунев“ од Струмица. Како и минатите години и годинава на карневалот ги видовме сурвакарите од Перник, Република Бугарија и Мечкарите од Воден, а карневалот го затворија поставките на Синалко, Кожувчанка и прилепчаните кои ја раскажаа приказната за „Рамиз и Фатма“.
Претседателот на Интернационалната асоцијација на карневалски градови Александар Цицимов изрази желба карневалот да се врати на стариот термин.
Следуваше впечатлив огномет, кој секогаш во сите нас буди скриени воздишки !...Кој знае зошто...Или пак знаеме !
Потоа присутните со чаша вино произведено од винариите кои имаа свои штандови на Плоштадот, следеа два одлични концерти: настапите на групата „Црвена Јабука„ и Оливер Драгоевиќ.
М.Д.