МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Со 9 гласа „за“ , 5 „против“ и 1 „воздржан“ советот на општина Кавадарци денеска го усвои ребалансот на буџетот во рамки на втората седница. Ребалансот како во приходниот, така и во расходниот дел претрпи намалување во износ од 109.695.000 денари, со што сега Буџетот во приходниот и во расходниот дел се сведе на ниво од 1.147.184.000 денари.

Советничката од СДСМ Веса Богева во својата дискусија забележа дека има намалување од 18% во приходниот и расходниот дел и праша дали тоа се должело на лошото планирање на општинската каса. Посочи дека овој буџет треба да биде основа за советот во изготвувањето на новиот буџет.

Градоначалникот Митко Јанчев одговори дека Буџетот на општина Кавадарци во изминатите две години е зголемен за 50%. Исто така има зголемување и во наплатата на данокот на имот која достигнува и до 90% за разлика од други општини каде наплатата била до 60%.

„Овој ребаланс е пеглање на тоа што успеавме или не успеавме да сработиме“ рече Јанчев и информира дека поради тоа што спортската сала Јасмин повеќе месеци беше пункт за вакцинација не успеа да обезбеди приходи, па општината морала да интервенира со блок дотации. Ребалансот, како што рече градоначалникот, доаѓа и поради реализација на капитални проекти. За новата градинка и за спортската сала во училиштето во Ваташа биле потребни по 2,5 милилиони денари дополнителни средства.

На денешната седница со 9 гласа „За“, 4 „против“ и 1 “воздржан“ беше усвоен и кварталниот извештај за извршувањето на буџетот во третиот квартал од 2021 година. Советникот од СДСМ Вуко Мелов забележа дека има слаба реализација во овој период и дека кај капиталните расходи има намалување од 38%. Тој исто така посочи и дека општината имала зголемени обврски кон добавувачи.

„Бројките во ребалансот кажуваат едно, а во кварталниот извештај нешто друго“ рече во својата дискусија советникот Јован Златевски и истакна дека ќе гласа воздржано.

Kaвадаречкиот совет донесе одлука и за распределба на средства од буџетот за отпочнување на постапката за јавна набавка на горива и масла за одржување на улици и патишта во зимски услови за 2022 година од страна на Комисијата за јавни набавки .

По однос на оваа одлука советникот од СДСМ Вуко Мелов истакна дека програмска опредлба на СДСМ било, зимското одржување на улиците и патиштата да го извршува ЈП Комуналец. Градоначалникот Јанчев побара од него да изготви анализа дали тоа е економски оправдано, бидејќи Комуналец ќе треба да набави механизација со која ќе расчистува снег во зимските месеци.

На денешната седница се формираа општинските комисии, а д-р Тони Нешковски беше именуван за заменик градоначалник на општина Кавадарци.

Советот одлучуваше и по програмите за развој на општината за 2022 година, измените и дополнувањата на програмите за уредување на градежно земјиште и за социјална заштита. Пред советниците беа и одлуките за донесување на урбанистички планови за село Мрежичко и Ла Луна, како и елаборатот за процена на штета од суша во општината во месеците јуни, кули и август годинава.

Советот расправаше и ја усвои предложената програма за одбележување на нова година и божиќ. Прифатена беше одлуката за донација на клима уреди од Кожувчанка за потребите на центарот за управување со кризи и предлог одлуката за примање техничка документација од Кожувчанка. На денешната седница се разгледуваше и извештајот за работењето на ЈП за јавни паркиралиште „Паркинг“ и на ЈП Комуналец.

А. Д.