-Компанијата овозможи свој придонес за модернизација на соблекувалните во спортската сала на училиштето Дрекслмајер ја поддржа реконструкцијата на соблекувалните во целосно реновираната спортска сала во рамки на средното општинско училиште „Киро Спанџов – Брко“ од Кавадарци со чие партнерство компанијата го спроведува моделот на дуално стручно образование. Оваа донација е дел од тековната посветеност на Дрекслмајер за поддршка на образовните институции и подобрување на ученичките капацитети. Со модернизацијата на соблекувалните на учениците ќе им се овозможи удобен и функционален простор за да се подготват за нивните спортски активности. Реконструкцијата опфати комплетна санација на ѕидните површини со поставување на нови плочки, целосна реконструкција на таванските површини со поставување соодветна изолација како и промена на столаријата, така што се поставени нови клупи и шкафчиња. „Драго ни е што го продолжуваме нашето партнерство со СОУ „Киро Спанџов – Брко“ и што имаме можност да придонесеме за подобрување на условите за одржување на часовите по спорт и развој во спортската сала во рамки на училиштето. Доброто образование подразбира и академски и физички развој и ние сме посветени да ги поддржиме двата аспекта“, изјавија од менаџментот на Дрекслмајер Македонија. Комплетно реконструираната спортска сала е веќе ставена во употреба, а учениците се среќни што ќе спортуваат во нови и модернизирани услови. Директорот на СОУ „Киро Спанџов – Брко“, Душко Лазов изрази благодарност до Дрекслмајер. „Оваа донација е од големо значење за понатамошниот развој на учениците. Новите соблекувални во голема мера ќе придонесат за подобрување и развој на наставната програма по спорт и ќе им овозможат на нашите ученици да спортуваат во соодветни услови како што заслужуваат. Горди сме на нашата долгогодишна соработка со Дрекслмјаер и веруваме дека заедно ќе постигнеме уште многу успеси во иднина“, рече Лазов. Оваа иницијатива го следи претходниот успешен проект на Дрекслмајер и СОУ „Киро Спанџов – Брко“, каде што компанијата ја поддржа реконструкцијата на посебна училница за мехатроника која е опремена соодветно, така што учениците ќе можат да ги развиваат своите знаења и вештини од областа на мехатрониката. Преку поддршката за модернизирање на условите во спортската сала, компанијата уште повеќе ја нагласува својата посветеност за унапредување на условите во образованието и развојот на заедницата.