МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

ГРК „Тиквеш 2014“ по повод случувањата во последните секунди од првенствениот натпревар со РК „Прилеп“, го издава следното соопштение за јавноста: „Несакајќи ниту малку да се намали постигнатиот резултат на гостите од Прилеп, со кои одигравме еден крајно коректен и машки натпревар, ниту пак да се сокријат сите слабости во играта на домашниот тим, кој прокоцка значителна предност во последните минути од натпреварот, сакаме да изразиме огромно незадоволство од судењето на судиската двојка од Битола. Ненавлегувајќи во деталји за невоедначениот критериум околу санкционирањето на пасивните напади и досудувањето на прекршоците, особено би сакале да се задржиме на последниот момент од натпреварот – изведувањето на слободното фрлање од девет метри по истекот на регуларното време. На снимката од натпреварот (live stream реализиран од РТК Кавадарци, во 39:07 од преносот на второто полувреме) јасно може да се утврди дека судијата Димитар од Битола на играчот со бр.34 на РК „Прилеп“ му дава јасни инструкции за начинот на изведувањето на слободното фрлање, укажувајќи му дека нема право да ја поместува левата стојна нога. И покрај ваквото предупредување, играчот при изведувањето на „деветерецот“, што јасно се гледа на снимката, потскокнува при изведувањето и ја поместува стојната лева нога, која од позиција зад линијата на девет метри, при реализацијата на шутот доаѓа внатре во просторот од девет метри. Сето ова пред очите на судијата, кој при очигледна повреда на правилата на ракометната игра, го призна голот, со кој гостите го изедначија резултатот, а ГРК Тиквеш остана без два заслужени бода. Како потврда на спортската неправда сторена од т.н. „делители на правдата“ на јавноста и ја даваме на увид снимката на спорниот момент, а за критериумот на судење во текот на целиот натпревар оценка нека дадат оние кои ќе ја одгледаат целата снимка, бидејќи и од самиот делегат на натпреварот бевме убедувани да не даваме забелешки во изјавата за натпреварот.„ се наведува во соопштението до јавноста.

https://www.facebook.com/grktikves/videos/3340139342690670