МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

– Како дел од активностите на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија, во периодот од март до мај 2023 година ќе се одржат 8 регионални настани во 8те плански региони. Овие настани се дел од третата проектна кампања која ќе започне со национален настан кој ќе се одржи во Скопје на 15ти март 2023 година. Градови-домаќини на останатите настани ќе бидат: Куманово, Тетово, Битола, Струмица, Струга, Штип и Кавадарци, а учесници ќе бидат претставници од училиштата, општините, невладините организации, општествено одговорни компании и поединци. Целта на овие настани е да се разговара за инклузијата и инклузивното образование, да се претстават активностите и постигнувањата на Проектот, а планирана е и заедничка дискусија за успешните приказни на полето на инклузијата како и предизвиците со кои се соочуваат училиштата, институциите и општините во својата намера да обезбедат инклузивна клима.

Овие средби ќе бидат одлична можност да се разговара за улогата на општините, училиштата, невладините организации и општествено одговорните компании и степенот на нивната меѓусебна комуникација во однос на важните аспекти за обезбедување на пристапна средина за учење и квалитетно образование на лицата со попреченост. Преку споделување на искуства ќе се добие јасна слика за локалните текови, успешни приказни и предизвици, а ќе бидат презентирани и глобалните трендови и практики за инклузија на лицата со попреченост со цел изнаоѓање на потенцијални решенија кои можат да се применат во соодветниот регион.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се заложува за квалитетно и инклузивно образование со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали. Проектот го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, вo соработка со Министерството за образование и наука.

Во рамките на проектот се доделија стипендии на повеќе 470 ученици со попреченост кои се запишани во основни училишта, а повеќе од 150 од овие ученици добија и туторска и образовна поддршка. Се поддржуваат и наставниците, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој. Дополнително, се подобри пристапноста и инклузивноста во 43 редовни основни училишта преку опремување на 22 сензорни соби, 3 сензорни катчиња и 1 сензорна градина, набавка на 1 уред за мобилност низ училишната зграда и 5 пакети дидактички, сензорни и асистивни средства и помагала, реновирање на 1 пристапен тоалет и изградба на 10 инклузивни игралишта.

1 3