МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Фондацијата „Чекор по чекор“ го образложи проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија“.

„Денеска во Општина Кавадарци се одржа седмиот регионален настан во рамки на третата проектна кампања на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, а го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со партнерите Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружение за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“ вo соработка со Министерството за образование и наука. Учесници на настанот беа претставници од општини, училишта, невладини организации, општествено одговорни компании и медиуми од вардарскиот плански регион кои дискутираа за социјална инклузија и инклузивно образование.

Воведен говор имаше г-ѓа Бранка Џајковска, проектен менаџер на „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ која се заблагодари на присутните лица кои овозможија да се развие дијалог за придобивките и предизвиците на тема инклузија и направи кратка презентација за активностите кои се спроведени од страна на проектот во регионот. “Во овој регион проектот стипендира 36 ученици со попреченост кои се дел од редовното образование и 3 тутори кои работат со овие стипендисти. 19 училишта се учесници на работилници за образовни асистенти, а 3 училишта се учесници на обуки за градење на капацитети на инклузивни тимови. Конечно, 2 училишта добија грантови и пакети за поддршка за набавка на соодветни наставни материјали и изградба на сензори соби.”

Свое излагање имаше и секретарот на Општина Кавадарци, Тодор Ефремов кој кажа дека општината повеќе години вложува и ги користи своите ресурси за да се подобрат условите во сите училишта за лицата со попреченост и нивна инклузија во истите. Тој напомена дека сите училишта во општината се обезбедени со пристапни рампи за непречено движење, и во училиштата каде што има ученици со попреченост општината има вработено едукатор-рехабилитатор кој што работи со надгледни средства согласно наставната програма. “Општина Кавадарци дополнително организираше и спортски активности за лицата со попреченост, како и проект за ангажирање на лични асистенти кои им излегуваат во пресрет на родителите во извршувањето на нивните активности околу своите деца. Инклузијата не е проблем кој треба да го решиме, туку инклузијата е начин на живот кој треба да го живееме.” изјави секретарот.

Настанот го затвори г-ѓа Елена Мишиќ, тим лидер на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ со преглед на статистички податоци и локални трендови на демографијата во вардарскиот регион, напоменувајќи дека во период кога Северна Македонија е насочена кон имплементација на крупни реформи, особено во делот на основното образование, многу е важно да се поседува стратегија за мотивација и обука на наставниот кадар за организирање на што повеќе индивидуална, креативна и интерактивна настава. Таа исто така отвори и дискусија на која присутните лица имаа можност да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат во градење на социјалната и образовна инклузија, како и да ги идентификуваат, разменат и промовираат добрите практики кои се однесуваат на остварувањето на правата на лицата со попреченост и нивното учество како рамноправни членови на општеството.“1 2 3

viber_image_2023-05-03_12-48-55-900