Од денесka,, ООУ „Страшо Пинџур“ - Неготино располага со сензорна соба опремена со мноштво на дидактички материјали, сензорни елементи и рехабилитациско-рекреациска опрема. Оваа активност е спроведена како дел од Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија и претставува уште една активност во насока на подобрување на инклузивноста на основните училишта во државата.
Во рамките на овој проект се доделуваат стипендии на учениците со попреченост и се обезбедува туторска поддршка, се поддржуваат наставниците, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој. Се работи и на подобрување на пристапноста и инклузивноста во училиштата. Овој проект го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука.
„Овој проект во континуитет се заложува за квалитетно и инклузивно образование со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали. И во следниот период ќе продолжиме партнерски да работиме со сите засегнати страни за да може секое училиште да изгради и да ја негува својата инклузивна клима, а секое дете да добие пристап до квалитетно образование. Денес во ООУ „Страшо Пинџур“ - Неготино со отворањето на 20-тата проектна сензорна соба го одбележуваме и Меѓународниот ден на детето и уште еднаш испраќаме порака за почитување на детските права.“, истакна Елена Мишиќ од Фондација „Чекор по чекор“.
Оваа сензорна соба е опремена со елементи кои се од голема корист за учениците со интелектуална попреченост, со комбинирани пречки, учениците од аутистичниот спактар, со АДХД и др. и претставува чекор напред во градење на инклузивна клима во училиштето. Во ООУ „Страшо Пинџур“ - Неготино учат 883 ученици, од кои 12 ученици со попреченост ќе имаат директен бенефит од сензорната соба.
„Чест ни е што соработката со Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ ја продолжуваме и продлабочуваме. По отворањето на првото инклузивно игралиште во општината, денес отвораме и сензорна соба. Овие инклузивни игралишта и сензорни соби во училиштата на нашата општина се пример за подобрување на инклузивните капацитети во образовните институции. Придобивките од нивното постоење се огромни, не само за учениците со и без пречки во развојот туку и за стручните служби и наставниот кадар кои добиваат алатки со кои можат да им пружат соодветни образовни услуги на децата. Доколку создаваме инклузивни заедници, постојано ќе ги подобруваме капацитетите за создавање инклузивна култура не само во училиштето, туку и во општината.“ изјави градоначалникот на општина Неготино, Горан Стојанов.
Исто така, денес во рамките на проектот “Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” кој е финансиран од Европската Унија се одржаа средби со родители на деца со попреченост каде се разговараше за предизвиците на децата и возрасните лица со попреченост од општина Неготино и се отворија теми од областа на образованието, здравството, локалниот активизам и активности кои можат ги подобрат условите за лицата со попреченост од овој регион.