Комуналната изградба во општината продолжува согласно зацртаните проекти. Деновиве оперативата на фирмата „Градба промет“ од Кавадарци работи на отстранување на стариот асфалт на ул.„Бел Камен“. Според проектот на општината по отстранувањето на стариот асфалт и рабниците ќе следи тампонирање, поставување нови рабници и во завршната фаза асфалтирање. Во оваа фаза се работи на делницата од паркингот кај капелата во правец на ВВ „Тиквеш“ каде на површина од 1350 квадратни метри ќе се постави нов слој асфалт со дебелина од 7 сантиметри. Со реконструкцијата на овој дел од улицата жителите од зградите и од населбата „Бел Камен“ ќе добијат обновена и побезбедна улица за одвивање на сообраќајот. Претходно на овој локалитет кај зградите општината изврши оформување на паркинг со потпорен ѕид и поплочување, како и хортикултурно уредување на зелената површина. Реконструкцијата е на барање на жителите од оваа населба.