Поради запалено гнездо на штркови на бетонски столб во Росоман, биле запалени и дел од каблите по што била исклучена електричната енергија во еден дел, за да не дојде до поголеми несакани последици.
Портпаролот на ЕВН Атанас Ковачевски потврди дека има прекин на електричната енергија, но нагласи дека нивни екипи се на терен и најбрзо што може проблемот ќе биде надминат.
-Вообичаено, во период кога штрковите не се тука, ние ги менуваме нивните гнезда и им ставаме на истите места специјални гнезда кои ги штитат нив, но истовремено и не и штетат на мрежата. Таквите гнезда ги изработуваат учениците од средното електротехничко училиште во Велес, информира Ковачевски.
Во случајов станувало збор за ново гнездо во Росоман. Токму денес се случувала драма поврзана со штрковите. Росоманчани со многу емоции раскажуваат за несекојдневната случка која ги оставила без зборови.
-Гнездото беше направено на една од бетонските бандери за струја. Не знам од кои причини тоа одеднаш почна да гори,вели еден од очевидците.
Возрасните штркови ја почувствувале опасноста веднаш со првиот пламен и чадот. Вознемирени кружеле околу гнездото како да бараа помош. Не можеа да ги остават малечките во гнездото туку така. Со некакви крици се обидувале да ги предупредат. Како да ги охрабруваа да полетаат и да се спасат. И навистина, малечките јунаци конечно летнале и се спасиле-раскажуваат очевидците.
За жал гнездото изгорело како и каблите, дел од Росоман останало без струја, бидејќи стручни лица ја исклучиле за да не дојде до поголеми последици, но важно е велат дека штрковите се спасија, а нема и последици врз росоманчани и нивните куќи кои се во близина.
Противпожарното возило на територијалната противпожарна единица од Кавадарци исто така веднаш пристигнало, но само превентивно, бидејќи за среќа немало потреба од негово дејствување.