МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Кошаркарите на Фени Индустри направија огромен чекор напред кон полуфиналето во БИБЛ-лигата откако со 66-68 стигна до голема победа на гостувањето во Стара Загора

Притоа тие му се одмаздија на Берое за поразот на домашен терен. Со тоа кавадарчани се искачија на делба на второто место на табелата, зад лидерот Берое, и со евентуален триумф во последното коло на домашен терен над Кожув кавадаречкиот тим ќе го осигура пласманот помеѓу најдобрите четири од регионалното натпреварување.

Фени лошо го отвори мечот и во воведните три минути веќе имаше негатива од 10-0. Пајиќ го скрши мразот на стартот од петтата минута, иницирајќи серија од девет поени со кои избранците на Малинков експресно се вратија во натпреварот. Првата чевртина заврши со минимални 12-11 за бугарскиот состав, за Фени да го отвори вториот период со пет поени во низа, откако Магдевски погоди тројка, а Стајиќ додаде уште два поени, за да стигне до водство од 12-16. Македонскиот состав го контролираше резултатот до крајот на полувремето, па дури стигна и до десет поени предност, 18-28 за сепак на одмор да замине со „плус четири“, 25-29.

Цврстата одбрана на Берое во финишот од вториот период беше најава за уште подобра игра на домаќините во третата четвртина, кога бугарскиот состав успеа повторно да го сврти резултатот во своја полза. Американецот Рос уште на половиина од четвртината го врати Берое во предност (40-38), па во последните десет минути се влезе со водство на домашниот тим од 49-45. Како и на претходните средби од Купот на Македонија, Фени покажа карактер и не се предаде, па кошаркарите на Фени уште еднаш се вратија од невозможна ситуација, откако противникот имаше водство од 66-61 и напад. По одличната одбрана, Јане Петровски погоди тројка, за како и на натпреварот со МЗТ, Чешковиќ со прецизен удар да донесе израмнување на 66-66. На другата страна Гибсон беше непрецизен, по што Стајиќ ги реализираше двете слободни фрлања носеќи му голема радост на својот тим.

Чешковиќ со 12 поени беше најефикасен кај Фени индустри, а Ѓекиќ и Петровски постигнаа по 11 поени.

Сепак време за славје нема премногу, затоа што кошаркарите на Фени веќе во сабота ги очекува натпревар со Струмица на домашен терен, а веќе на стартот на наредната недела и клучниот дуел со тимот на Кожув исто така во „Јасмин“.