МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Натпреварот е добиен со посакуваната разлика, 79-69, но она што е уште повеќе важно е што овој тим е подготвен за завршницата од шампионатот.

Со Магдевски и Чешковиќ победата ќе беше сигурно полесно остварена, Малинков ќе имаше многу повеќе опции, но во ваква ситуација, Фени доби нови јунаци, во сезонава фантастичниот Стајиќ, но и во Предраг Пајиќ кој го потврдува својот огромен потенцијал.Токму со тројката на Пајиќ по речиси 9 минути игра во првата четвртина, Фени за прв пат ја постигна посакуваната предност од 8 или повеќе поени, која до крајот на воведниот период прерасна во +13, 24-11. Кошаркарите на Кожув до полувреме успеаа да намалат 4 поени од негативата, но и покрај тоа Фени изгледаше доста сигурно и го контролираше текот на натпреварот.

По паузата следуваа две исклучително изедначени четвртини, доволни за Фени да стигне до посакуваната победа, иако гостите од Гевгелија имаа напад со кој можеше да намалат на посакуваните -7, но Мијовиќ го промаши шутот за три поени, а потоа и најефикасниот кај Кожув Крстевски не успеа да погоди откако ја собра топката под обрачот, за конечни Фени Индустри - Кожув 79-69.

Стајиќ со 22 и Петровски со 16 поени го надополнија отсуството на Магдевски и Чешковиќ, Шарабидзе постигна 11, а невообичаено „тивок“ беше капитенот Николовски кој мечот го заврши со 9 постигнати поени. Кај Кожув најдобар беше Крстевски со 24 поени, а освен него како двоцифрен мечот го заврши Мијовиќ.

Во набиената агенда, Фени во среда му гостува на Куманово, каде што не треба да загуби со повеќе од 2 поени, а суперлигашкиот дел го затвора во Кавадарци, со дербито со Работнички.