По „Умната мома“, изминатиот викенд во атарот на селото Бојанчиште беше снимена и приказната за „Големиот драпаџија“
Ова приказна е дел од преубавиот проект на Диме Коцевски и Тони Коцев за зачувување на приказните кои ги создавале, прераскажувале и од колено на колено ги пренесувале луѓето кои живееле на просториите на Тиквешијата.
„Со цел да се промовира автентичниот кавадаречки дијалект, автентичната архитектура на кавадаречките села и автентичните приказни раскажани токму од луѓето кои живеат во тиквешкиот регион, во неделата на 13 септември ја снимивме втората приказна од серијалот кавадаречки народни приказни, приказната за „Големиот драпаџија". Овој пат снимањето целосно го реализиравме во атарот на селото Бојанчиште, што е остварување на уште една од целите на проектот да секоја приказна биде снимена во различно село - ни изјави Диме Коцевски, кој повторно ја има тројната улога на режисер, сценарист и актер.
За целосната автентичност на приказните Коцевски и Коцев и во „Големиот драпаџија“ вклучуваат целосно кавадаречка екипа, која е спој на искусни и млади, но докажани актерски имиња, па така на екранот ќе ги видиме Данчо Бањански, Милица Гочевска, Видан Станоев, Симона Богева, Дејан Атанасов, Коле Колев-Зезо и Диме Коцевски.
Во продолжение од разговорот, Коцевски најави дека тиквешките народни приказни наскоро и официјално ќе бидат промовирани, а во меѓувреме ќе се работи и на неколку нови изданија: „Иако со коавторот на проектот и директор на фотографија, Тони Коцев првично посакувавме официјалната промоција да се случи на Денот на ослободувањето на градот, 7ми септември, сепак поради пренатрупаноста со настани на самиот ден, и воопшто во тој период, решивме приказните за „Умната мома“ и „Големиот драпаџија“ да ги промовираме кон крајот на септември. Во меѓувреме, продолжуваме да работиме на уште неколку приказни, кои кавадаречката и македонската публика ќе има можност да ги види многу наскоро.