Околу 2.600 земјоделци имаат пријавено штети од пролетниот мраз во Кавадарци
Ова го информираше Зоран Шалев, началник во кавадаречката ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој соопшти дека девет комисии уште работат на терен, на утврдување на последиците од ниските температури, кои оваа пролет ја зафатија Тиквешијата.
-Земјоделците бараат обесштетување за претрпените штети кај лозовите и овошните насади. Првичните сознанија од терен говорат дека мрзнењето кај овошките и виновите лози се движи од десет до сто проценти, зависно од катастарската општина и местоположбата на насадите, нагласи Шалев.Најголеми се штетите во насадите покрај реките Луда Мара и Црна река.