Воената академија и АРМ редовно му помагаат на Дневниот центар за лица со посебни потреби “Порака” од Неготино, информираше денеска Валентина Тасева, раководител во Центарот. Таа соопшти дека традиционалната соработка продолжила и за време на летниот камп 2017 кој деновиве беше организиран од страна на Академијата и Армијата во Пепелиште, а на кој учествуваа претставници од 12 земји.
-Традиционално неколку години наназад се дружиме со питомците и со студентите од воената академија заедно со нашите корисници. Еднодневната маренда што тие ја донираа за нашите корисници во моментов се користи за лицата кои го посетуваат дневниот центар, но и оние кои се дел од станбените единици кои функционираат во рамките на “Порака”, а се дел од проектот за деинституционализација во Македонија, соопшти Тасева.
Таа нагласи дека питомците и студентите од Воената академија им донирале и пластични шишиња, кои од страна на корисниците на услугите на дневниот центар, ќе бидат подготвени за рециклажа и продадени.