Во рамките на Ликовната колонија-Кавадарци-Михајлово се одржаа изложба на фотографии и концерт
Изложба на уметнички фотографии при престижниот фестивал од албанскиот град Фиер, синоќа беше отворена во галеријата на кавадаречкиот Дом на култура “Иван Мазов-Климе”, во рамките на Меѓународната ликовна колонија “Кавадарци/Михајлово 2017“. Сајмир Амети од Албанија, учесник на колонијата, појасни дека фотографиите се од еден од најбогатите региони во неговата земја. -Регион кој излегува на море, има неколку езера, река, планина, археолошки наоѓалишта, а во последно време и наоѓалиште на нафта, нагласи тој. Фотографиите се дело на 26 фотографи кои учествувале на минатогодишниот фестивал, плус дела на кои се стари цркви, како традиционално богатство на тој регион. Амети информираше дека соработката со Кавадарци е од пред три години. Со годините, таа се продлабочува и на фолклорен план. Изрази надеж дека двете страни ќе соработуваат и во иднина.
На Градскиот плоштад пак во 20 часот синоќа се одржа Меѓународен фолклорен фестивал Кавадарци 2017. Учествуваа фолклорни ансамбли од Полска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и Македонија .Македонскиот фолклор го претставија АКУД “Мирче Ацев“ -Скопје и Фолклорен ансамбл “Тиквеш“ – Кавадарци, и КУД„Јане Сандански“ од Неготино.
Концертот го следеа поголем број граѓани со оглед на репертоарот кој беше понуден и пријатното време кое овозможи ансамблите и публиката да уживаат во настапот и пријатната глетка во центарот на градот.