Проектот беше презентиран денеска во Кавадарци.
Директорката на проектот, Мирјана Македонска рече дека станува збор за најнова проектна активност на Американската агенција за меѓународен развој.
-Проектот за развој на деловниот еко систем започна со работа пред неполни два месеци и веќе активно делуваме на терен. Главната цел на проектот е да се поддржи развојот на приватниот сектор преку низа активности. Една од клучните активности е поддршка на бизнис здруженијата, коморите, кластерите, за да развијат услуги кои би биле наменети за приватниот сектор, за негов развој, поддршка, развој на нови работни места, зголемување на приходи и така натаму, појасни таа.
Додаде дека исто така многу интензивно ќе се работи активно на помагање на пристап до финансии за приватниот сектор.
-И она најбитното за кое што сме денеска тука, е како да се развиваат локалните добавувачи. Синџирите на локалните добавувачи се со поддршка од поголемите македонски фирми. Имено знаеме дека приватниот сектор многу враќа во заедницата, корпоративната општествена одговорност е на многу високо ниво во Република Македонија. Меѓутоа, честопати тие активности се насочени кон филантропија. Денеска со најголемите бизниси од регионот и од општина Кавадарци со поддршка на нашиот градоначалник, разговараме како овие поголеми фирми заедно со проектот на УСАИД да инвестираат во развој на локалните добавувачи, рече Македонска.
Градоначалникот Митко Јанчев рече дека Кавадарци е економски развиен град, има доста големи, средни и мали компании.
-Меѓутоа мора да го развиеме овој локален или регионален економски развој, така да овој проект е од големо значење од едукативни моменти и значи пристап до понатамошни развој на компаниите на фирмите. Имаме и седиште на Регионалната Стопанска комора, така да заедно со комората и овој проект може да направиме многу за нашите компании, да ги развиваме младите компании и да му даваме пристап до повеќе иновативни креативни решенија во делот на бизнисот, нагласи Јанчев.