Непознати граѓани запалиле пластичен контејнер, кратко откако контејнерите беа поставени за селектирање на отпадот во Кавадарци. Од Јавното претпријатие “Комуналец” изразија незадоволство од ваквата постапка и упатија апел ваквите несакани работи да не се повторуваат.
-Неопходно е сите да се вклучат во акцијата за почисто и поубаво Кавадарци, за ваквите непромислени постапки да бидат само минато, нагласи Јован Ристов, раководител на Секторот за хигиена при “Комуналец”.
Заедно со еколошкото друштво “Еко-живот”, повикаа од страна на надлежните да се откријат и казнат виновниците. Истовремено повикаа на поголема еколошка свест кај населението.
Несовесните постапки ги осудија и од Локалната самоуправа, изразувајќи надеж дека ова нема да се случува и во иднина.
Само пред неколку дена, на истиот потег во градот, несовесни граѓани насила празнеа контејнер за пластика, иако тој треба да се празни со специјално возило.
„Вандализам-
-Не постои друг збор со кој би можеле да ја опишиме оваа глетка. Кои зборови треба да се употребат за да се објасни оваа ситуација?
Тука нема свест, тука нема култура, тука нема ништо.
Се казнувате сами, ги казнувате вашите деца, ги казнувате идните генерации на овој град. До кога вака?
СРАМ ДА ВИ Е !“-напишаа од ЈП Комуналец на денешниот ФБ профил на ова претпријатие по повод овој случај, кој ги надминува и најцрните сценарија за унакажување на контејнери.