МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

- Сто години на изволте.Во кое време да го сместиме дејствието на оваа наша приказна??? Во кое сакате, господа!!! Градење доверба во несигурни времиња . Секое време, е несигурно време...

Тие дојдоа, како и сите ние, од некаде, некои од подалеку, некои од поблиску, во некое многу понесигурно време. Патот ги одведе од зад Шара до централна Македонија, години пред 1900-та година, во време кога турскиот аскер беше одомаќинет под Љубаш. Сепак, во книгите на патеписците беше прибележувано дека токму овде, на пат кон Солун, имаше соживот и слога помеѓу мештаните. Градеа, имаа планови и желба за токму овде да бидат темелите на нивното семејство, Кесаси. Полека но сигурно, чекор по чекор и ете исчекорија две светски војни, исто толку балкански и уште безброј попатни немири. Кој знае, можеби и ден денес има некоја војна, а нам никој не ни кажал, бидејќи и не не интересира.

Кесаси се единственото поколение Горани кои живеат во Тиквешијата, и тоа повеќе од 100 години, и се можеби најславното горанско семејство во централна Македонија. Велат дека никогаш немале проблеми со локалното население. Родителите ги научиле на чесност, а дедовците на тајните на занаетот. Така се станува дел од еснафот, така се почитуваат сограѓаните, се дочекуваат насмевка и нивното препознатливо изволте.

Всушност, и тоа е емоцијата на оваа приказна. А се почна со само радио реклама на локален медиум за слаткарница „Палма“. Случаен добронамерен минувач низ Кавадарци, видно воодушевен, гласно ја прераскажал радио рекламата пиејќи кафе, а притоа неговиот соговрник, слушател, ја почуствувал емоцијата на неговото лице и неговиот глас. Тие емоции не натераа да навлеземе уште подлабоко во семејната приказна полна соживот и разбирање.

Во семејството Кесаси освен тајните рецепти на занаетот стари повеќе од еден век, тајната чувана за медена ледена, за ладна бозица, за единствениот вкус во лето на ванила во тиквешијата, вистинстката приказна за снегот чуван цело лето покриен со сламеници, и преданијата кои се граничат со легенда за учениот дедо Бислим, сеуште важат многу стари правила, но никој не е крут. Денес, сите се свесни за предизвиците кои ги носи модерното време, иако потајно се надеваат дека нивните деца кои имаат други животни планови ќе ја продолжат вековната семејна традиција. Почитта кон сите доаѓа од дома, еден кон друг и кон самиот себе, ете тоа е вредност која денес се почесто ја нема, а не познава ни години, ни граници, ни денес, ни утре, ни вера, ни религија... Кај Кесаси се се одлучува заеднички, главниот збор го имаат мажите по возраст, а касата, ја чуваат срамежливо домаќинките. Сите заедно, сите како еден, и тогаш, и денес и во иднина.

А враќајќи се во минатото, тие давеле и жртви за ова парче македонска земја. Во историските прошетки низ кавадаречката костурница ќе го забележиме и името на еден од чичковците на нашиот пријател Фикрет, кој загинува во втората светска војна. И покрај тоа, и во најтешките мигови за семејството, но и за светот во периодот од 1941 до 1945 не престанува да се служи ладна ледена боза. Кесаси нема да ја прифатат можноста да го сменат Кавадарци со ориенталната Турција иако ја имаат отворената покана на член на потесното семејството, само затоа што веруваат дека Кавадарци е нивната животна судбина.

За аманетот на дедо Бислим да останат во Кавадарци и да му се посветат на занаетот ќе следува признание во раните 80-ти на минатиот век, кога ја добиваат првомајската награда за квалитет и традиција.

Ова е само уште една причина за продолжение на бизнисот на четвртата генерација на семејството Кесаси, кои се тогаш во најголема сила на кавадаречката чаршија. Го паметат тие градот, но и градот ги памети сите по добро.

Таков беше и моментумот на моето сеќавање. Паметам, паметам одамна кога бевме мала, бројана дружина која ги почитуваше и им ги честиташе семејните и верски празници на семејството Кесаси, за некако природно некогаш скромната со посетители софра, денес, на нивна радост да стане многу побројна. Се сеќавам и на годините во раните деведесети кога за време на Бајрам се наздравуваше со боза со која не честеа нашите домаќини.

Вториот моментум, не така оддамна при доаѓање на нов член во семејството Кесаси, собрана толпа во еден од градските ресторани, на измешани друштва по години и еснаф, случајно се најде и мојата маленкост со новинарското перо за да го забележи следното: Денес и овде, и само овде и денес сватив дека не постојат граници во човечкото срце кога душата на човекот е исполнетa со радост.

Можеби малку знам за различностите, за етникусите, за народностите и обичаите, за нивните верувања и молитви... Но едно знам, тишината не ни е судбина, и затоа продожете со градењето доверба во несигурни времиња, и правето го тоа погласно...

Дуле Стефанов

46449170_2058368194454317_1809439274781638656_n.jpg

46398224_273564986844414_8800936723115671552_n.jpg