– Планот за реорганизација на ГСОЛ и подружницата Еуроникел е по втор пат прифатен како позитивен и ветувачки за ФЕНИ Индустри. Собранието на доверители денес гласаше со големо мнозинство за инвестицискиот план и насоката што фабриката ќе ја преземе, како здрава и силна компанија по завршувањето на стечајниот процес.
ФЕНИ успеа да остане отворена, вработените и добавувачите да бидат платени, а економијата на земјата да има корист од над 100 милиони долари извоз во текот на последните 10 месеци од стечајниот процес. Еуроникел, македонската подружница на ГСОЛ успешно ги обезбеди финансиските, техничките и природните ресурси потребни за производство на никел, во тесна соработка со стечајниот управник и стотици вработени и добавувачи на ФЕНИ.
Со денешното гласање, ФЕНИ Индустри е само еден чекор од конечното повлекување од стечај. По позитивното гласање од Собранието на доверители, судот исто така се очекува да го потврди планот со одлука.
"Помина една година откако ФЕНИ отиде во стечај, а во изминатите 10 месеци откако ГСОЛ/ Еуроникел потпиша договор за обработка на никел, не само што обезбедивме континуирано функционирање на фабриката, туку и во пракса покажавме дека го поседуваме потребното знаење, средства и ресурси кои се неопходни за фабрика како ФЕНИ да преживее, но уште поважно да продолжи да ја развива и да ја креира својата иднина", изјави Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.
Со реализацијата на планот за реорганизација ќе започне проширување на производството, почнувајќи од отворањето на втората печка и неопходната надградба на производството.
"Нашиот план ќе се фокусира на зголемување на производството, отворање нови пазари, обезбедување сигурност за вработените и враќање на ФЕНИ на европската и светската карта како еден од најголемите процесори на фероникел", додаде Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел ДООЕЛ Скопје.
Дополнителни информации:
Инаку ГСОЛ е меѓународен фонд за приватен капитал формиран во 2009 година, со фокус на природните ресурси и конкретно со фокус на метали. ГСОЛ има одлични и докажани резултати во обликувањето и работењето со фероникел средствата на глобално ниво. Во август 2015 година, ГСОЛ го стекна Falconbridge Dominican S.A., целосно интегрирана компанија за производство на фероникел во Доминиканската Република, од Glencore.
Еуроникел е македонска подружница на ГСОЛ, одговорна за инвестициите и работењето со фероникел во Македонија.