Најдобри млади вина избира Здружението на винари од Македонија со седиште во Кавадарци. Заменик претседателот Елена Богева, денеска информираше дека во чест на празникот на млади вина “Божоле нуво”, кој се слави во разни земји од светот, организираат избор на најквалитетни вина од годинешнава берба на грозје.
-Настанот е во чест на денот на младото вино кој се празнува од 1937 година, секој трет четврток во месец ноември. Всушност, ова е наша традиционална манифестација за оценување на новите вина произведени од домашни производители. Ја организираме заедно со Земјоделскиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, рече Богева.
Таа соопшти дека сите заинтересирани индивидуални винари можат да учествуваат во настанот, со свои мостри на вино. Квалитетот на мострите ќе го определува комисија која ќе ги дегустира, оцени и награди најдобрите, а е составена од стручни лица, енолози.