Општина Кавадарци продолжува со реализација на проектот за регулација на коритото на реката Луда Мара. Деновиве во фаза на градба е нова делница од кејот шеталиште на потегот од мостот Слога кон Ваташа.Оваа делница е долга 680 метри и со нејзината изградба ќе се спојат кејот-шеталиште Ваташа со делот во Кавадарци.Ангажираната оператива на фирмата „Цвет компани“ од Скопје работи на изградбата на минор коритото со поставување на обработен камен. Архитектонски и оваа делница од кејот ќе биде иста како делот во градот, односно со минор корито од камен, и шеталиште на двата брега од кои левото шеталиште ќе биде со павер елементи, а десното од фин бетон за ролери. Освен тоа ќе се постави урбана опрема и ново улично осветлување.Финансиската конструкција за овој проект изнесува 21.500.000 денари, парите се обезбедени преку Бирото за развој на Вардарскиот плански регион и буџетот на Општина Кавадарци.