МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Љубителите на врвни вина, одлична храна и алтернативен туризам отсега имаат нови можности за уникатни доживувања во капацитетите развиени во рамки на проектот за ено-гастрономски туризам во тиквешкиот регион, што го реализира компанијата „Тиквеш вински туризам“, во соработка со, „Домен Лепово“ и „Барово”. Вкупната инвестиција во новите туристички капацитети изнесува 315 илјади евра, од кои дел се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност на Владата и ЕУ, што се администрира преку Светска банка.

Во рамки на новата современа туристичка понуда креирани се атрактивни содржини кои вклучуваат - камп со сместувачки капацитети во адаптирани вински буриња и нови велосипедски патеки на уникатната винска микро-локација Барово, понатаму атрактивно сместување на локацијата Лепово, како и мултифункционален вински бутик во Кавадарци, кој освен што нуди вино за продажба и дегустација, претставува и изложбен простор со инфо-центар, каде сите заинтересирани можат да добијат информации за туристичката понуда на тиквешкиот регион.

Новите капацитети, развиени во рамките на овој проект, нудат можности за престој во уникатни предели што изобилуваат со природни убавини и чист воздух, а на посетителите им нудат уникатен спој на врвно вино, одлична храна, одмор и рекреација.

„Целта ни е да создадеме иновативни содржини за развој на винскиот туризам и збогатување на понудата преку дополнителни активности, како што се велосипедските патеки низ лозјата во Барово. Од големо значење е финансиската поддршка што ја добивме од Проектот за локална и регионална конкурентност и искрено се надеваме дека успехот на овој проект ќе биде вистинско сведоштво за потенцијалот на оваа нова приказна што од денес почнуваме да ја раскажуваме“, истакна Тихомир Касапинов, проект менаџер на „Тиквеш вински туризам“.

Во реализацијата на капацитетите кои се дел од новата туристичка понуда во тиквешкиот регион во потпроектот „Развој на еногастро туризам - искуси ја Македонија“ се инвестирани 315 илјади евра, од кои 148 илјади евра се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност.

„Ми претставува задоволство што креативните идеи на нашите корисници на грантови успеавме да ги преточиме во успешни проекти со кои ја надградивме придружната инфраструктура и ја збогативме туристичката понуда со нови, иновативни сместувачки капацитети, содржини и активности, со што им овозможивме на различните типови туристи едно несекојдневно уживање во земјата, кои сѐ повеќе ја препознаваат Северна Македонија како привлечна туристичка дестинација, која што изобилува со природно и културно богатство, земја со традиции и обичаи, прочуена по добрата храна и вино и извонредна дестинација за адреналински спортови“, истакна Антонија Шишак, директорка на Проектот за локална и регионална конкурентност.

Проектот за локална и регионална конкурентност што го администрира Светска Банка е финансиран со вкупен грант од 21 милион евра. Средствата се обезбедени од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ - ИПА II и од Владата на Република Северна Македонија во износ од 3,1 милион евра. На промоцијата на новата туристичка понуда присуствуваше и шефот на Делегацијата на ЕУ, Н.Е. Дејвид Гир.

„Преку програмата за локална и регионална конкурентност, Европската Унија распредели 18 милиони евра за околу 50 проекти во областа на туризмот низ целата територија на Северна Македонија. Согласно приоритетите на ЕУ, оваа програма цели кон стимулирање на одржлив економски развој – преку спречување на прекумерна употреба и злоупотреба на природните ресурси – и кон создавање работни места за младите луѓе. Со своето вино, природна убавина, историски места и традиција Тиквешкиот регион со сигурност ги исполнува сите услови за совршена туристичка дестинација. Се надевам дека Тиквеш и сите други места низ земјата со туристички потенцијал ќе имаат добра летна сезона, што ќе го потпомогне опоравувањето на секторот“, истакна ЕУ амбасадорот Гир.

Одговорна институција за спроведување на Проектот за локална и регионална конкурентност е Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи кој посочи дека Северна Македонија има што да понуди кога станува збор за туризмот, а со реализација на Проектот за локална и регионална конкурентност, оваа понуда дополнително се збогатува. Тој истакна дека од вкупно 58-те потпроекти, 19 се реализираат од општините, уште 19 од микро, мали или средни претпријатија, додека 20 потпроекти се изведуваат од здруженија и непрофитни организации, туристички организации, образовни институции или центри за обука.

„Со потпроектите на Проектот за локална и регионална конкурентност е опфатена речиси цела земја. Ова е еден од најзначајните проекти со кои се овозможени сериозни средства, со вкупна вредност од 18 милиони евра за конкретни проекти, од кои 3 милиони евра се од буџетот на Владата и 15 милиони евра од Европска Унија, за што упатувам искрена благодарност до Делегацијата и граѓаните на земјите членки на ЕУ. Економскиот развој кон кој се стремиме започнува на локално ниво. Затоа Владата секогаш ќе биде поддржувач на вакви иницијативи, кои овозможуваат искористување на огромниот потенцијал што го има нашата земја за создавање конкурентни производи и услуги, привлекување на што поголем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација“, нагласи вицепремиерот Битиќи.

Во реализацијата на активностите кои беа дел од проектот за развој на ено-гастрономски туризам во тиквешкиот регион беа вклучени и локални невладини организации, мали бизниси и занаетчии, чии производи и услуги се дел од новата понуда за идните туристи. Реализираните активности придонесуваат за збогатување на винската туристичка понуда, но и за приближување до посетителите и до домашните и странски туристи на винските туристички дестинации со кои изобилува тиквешкиот регион.“ се наведува во соопштението на ВВ Тиквеш.

thumbnail (2) thumbnail (3) thumbnail (4) thumbnail (5) thumbnail (6) thumbnail (7) thumbnail (9)