Претставата „Госпоѓица Јулија“ само за повозрасни од 16 години
Утревечер на 21 октомври со почеток од 20 часот, театарот при Домот на културата “Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци премиерно ќе ја одигра претставата “Госпоѓица Јулија“ од Аугуст Стринберг а во режијата на Микица Илова. Претставата е натуралистичка драма и во неа се зборува за социјалните разлики, страста и борбата меѓу половите. Драмата е напишана за да се создаде поцелосна илузија на стварноста пренесена во театарот и затоа не се препорачува зa лица помлади од 16 год. Во претставата ликовите ги толкуваат Викторија Чочева, Сашко Орешков и Анета Мишева, како и членови на Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“. Премиерата е утре а првата реприза е веќе во петок, на 22 октомври од 19.30 часот. Поради ограничен број на седишта, за премиерата нема да има влезници во продажба, а за репризата влезниците ќе бидат во продажба два часа пред почетокот на претставата и тоа на билетарницата на Домот на културата. Претставата ќе се одвива според сите предвидени протоколи за COVID - 19: Влезот е можен само со сертификат за примена вакцина или потврда за прележан COVID - 19 не постара од 45 дена. Бројот на присутна публика е 50 % од предвидениот простор.
М.В.