Ристо Самарџиев со својот бенд и Тајфата на Димо Дулот ќе ги забавуваат сите оние кои ќе се решат најлудата ноќ во годината да ја дочекаат на Градскиот плоштад во Кавадарци.
Според официјалната програма, новогодишното славје ќе започне во сабота, 31 декември во 22 часот и 30 минути со настап на Ристо Самарџиев и неговиот бенд, за во 23 часот и 30 минути на сцената да се појави Тајфата на Димо Дулот. На неколку минути пред преминот во новата 2017 година, Ристо Самарџиев заедно со Тајфата на Димо Дулот ќе отпеат неколку одбрани песни специфични за нашиот регион, за потоа да следи традиционалното одбројување и новогодишниот огномет. Годинава на присутните на градскиот плоштад прв новата година ќе им ја честита градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов. Новогодишното славје ќе продолжи со настап на Тајфата на Димо Дулот.Во најава на новогодишната прослава, во петок, 30 декември во 12 часот на градскиот плоштад ќе биде отворен новогодишниот базар на домашна храна, вино и ракија, а ден подоцна во истиот термин и на истата локација ќе се оддржи традиционалната детска новогодишна бајка, која освен настап на учесниците на детскиот фестивал „Гроздоберче“ и балетските групи од градот, ќе донесе и настап на бројни жонглери и маскоти кои ќе го збогатат новогодишниот амбиент.