На 1 декември 1920 година во Кавадарци е отворен Лозовиот расадник, кој имал за задача да произведува лозови калеми
Целта била да се обнови лозарството во Тиквешијата, опустошено од филоксерата (рак на коренот на виновата лоза). За управник бил поставен Светозар Петровиќ, многу способен човек на својот занает. Годишно расадникот произведувал од 500 илјади до 2 милиони резници на американска подлога, отпорни на филоксерата. Производството на Лозовиот расадник се зголемило по 1925 година кога започнало масовна обнова на лозовите насади. За време на сезоната во расадникот се вработувале од 30 до 50 луѓе и претставувал најголема работна организација во Кавадарци.