На 30 Октомври 1943 година на планината Кајмакчалан во грчките бази и логори на ЕЛАС е формиран Врориот баталјон на Третата оперативна зона, баталјонот е наречен и Тиквешки баталјон, бидејќи најголемиот дел од борците бил од Тиквешијата. Во неговиот состав влегле борци од баталјонот “Страшо Пинџур“ од 113 борци и дел од италијанската чета “Гарибалди“ со 28 италијански доброволци. Штабот на баталјонот го соќинувале: Тихомир Милошевски-командант, Пандил Николовски-заменик командант, Коле Тоторовски-полит. комесар и Киро Спанџов-зам. полит. комесар. Во составот на единицата освен македонци и италијани имало и срби, словенци, бугари и муслимани. Вториот баталјон води успешни борби против бугарската војска кај Витолиште, Полчиште и Клиново, а дејствува и на велешка територија и Мариово. На 20 декември 1943 година Вториот баталјон влегува во состав на Втората македонска бригада.