МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Фени Индустри - МЗТ 56-82.

Очекувано, кошаркарите на МЗТ Скопје го добија некогаш големото дерби против Фени Индустри, но со оглед на моменталната ситуација во клубот никој нема за право да им замери на избраниците на Љупчо Малинков кои и без пари решија да ја бранат честта и угледот на некогашниот македонски кошаркарски владетел.

Кризата во фабриката длабоко се одрази на клубот, играчите веќе неколку месеци немаат земено плата, тренинзите, па и денешниот натпревар се одвиваат во екстремни услови, па токму сите оние момци кои денес го облекоа белиот дрес се херои, на исто ниво како оние кои први ја започнаа приказната за Фени, на оние кои го внесоа клубот во најсилното кошаркарско друштво, му донесоа на градот титули од националниот шампионат, куп, од балканската БИБЛ лига...

Публиката знае да го цени, особено онаа искрената, онаа која продолжи да доаѓа и кога кошарката повеќе не беше во „мода“ за оние кои доаѓаа да бидат видени, публика која има своја постојана адреса во „Јасмин“, која не ги штеди своите 60 денари за клубот кој го сака, својот глас, своите дланки, публиката која плаќала високи казни во моментите кога морало да се направи притисок врз необјективните судии...

А Фени има таква публика, искрена, која го сака клубот и во добро и лошо. Најголем дел од нив и денес беа со клубот за да ги бодрат капитенот Јане Петровски, Андреј Магдевски, Горјан Марковски, Биберовиќ, и да им аплаудираат на младите Милков, Коцев, Кицев, Плачков и да им дадат безрезервна поддршка на голобрадите Златев и Мелов.

Истата таа публика ќе биде во „Јасмин“ и во сабота на дуелот со Кожув, а дали ќе им се придружите и Вие и ќе ги бодрите момците кои ги заслужуваат сите почести од градот е прашање на кое самите треба да си одговорите.

За крај, за оние кои што ги интересираат само бројките, МЗТ победи со резултат 56-82.

Д.Уневски