МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

По убедливиот триумф од 41 поен над Тирана која во првото коло славеше над Трепча, сите очекуваа дека Фени ќе го „стопи“ и тимот од Косово, па и играчите и публиката влегоа доста опуштено во натпреварот, што воглавно беше и причината првото полувреме да помине во резултатски изедначена игра, во која за момент и гостите го имаа водството на своја страна, за на пауза Фени сепак да замине со предност од пристојни +7.

Предноста продолжи да расте и во вториот дел, па избраниците на Малинков за само неколку секунди ги претворија неговите совети во поени кои донесоа двоцифрена предност која остана и до крајот на натпреварот. Николовски и Шарабидзе делуваа незапирливо за гостите и под двата обрачи, и со вкупно 40 поени го надополнија скромниот ефект на бековите во нападот, потврдувајќи ја победата од 72-54.

Кирил Николовски со 22 и Шарабидзе со 18 беа први стрелци на натпреварот, додека кај гостите најзабележителни беа Штутц и Диминиќ кои искомбинираа 31 поен.

Потенцирајќи ја одбраната како клучен фактор за победата, Малинков во официјалната изјава по натпреварот напомена дека со ваков пристап може да се добие и Сутјеска: „Одбраната го доби натпреварот, примивме само 52 поени, а во напад очекувано постигнавме над 70 поени. Мислам дека со ваков пристап и помалку грешки во нападот дека можеме да победиме во следното коло против Сутјеска во Црна Гора, иако ќе мора да поправиме доста детали и сегменти во нашата екипа. За крај, честитки за моите играчи, честитки и за екипата на Трепча која се покажа во одлично издание, и дефинитивно ќе ни биде тешко во натпреварот во Митровица“.

За разлика од Малинков, предводникот на Трепча, Невен Плантак главниот проблем за поразот го посочи во недоволната физичка подготвеност на неговиот тим. „Ова е наш петти натпревар во последните 15 денови. Доцна се собравме, доцна започнавме со подготовките и тоа е причината поради која паднавме физички во второто полувреме. Во првото полувреме направивме доста грешки, во второто промашивме доста зицери, но ќе повторам, се е резултат на недоволната физичка подготвеност“.

Капитенот Николовски кој со 22 поени и 12 скокови беше најдобриот поединец на натпреварот е задоволен од победата над Трепча. „Почнавме лошо, имавме доста грешки во одбраната, промашвиме чисти шутеви, но веќе во второто полувреме заигравме по планот и заслужено триумфиравме над добар тим како што е Трепча“.

Честки за победата стигнаа и од Диминиќ кој беше помеѓу најдобрите во дресот на Трепча. „Честитки за Фени Индустри. Едноставно паднавме физички во второто полувреме, промашивме доста шутеви, загубивме доста топки и скокови и тука мораме да ја бараме причината за поразот“.

Во следното коло кое на програмата е на 8ми ноември, Фени му гостува на тимот Сутјеска од Црна Гора.