Возбуда, адреналин, спортска забава, добри потези и искрено дружење го одбележаа четвртиот по ред, веќе традиционален турнир во улична кошарка „Street Ball Ros”.
Официјално, турнирот започна во саботата, во чија програма се најдоа 14 тима поделени во 4 групи од по 4 односно 3 екипи, од кои само пласман продолжија во четвртфиналната фаза која ги промовираше Бараба Транс, Жито Југ, Такси Ирена и Гема Пласт во полуфиналисти на турнирот. Во исклучително интересните и резултатски неизвесни полуфинални натпревари Такси Ирена ја совлада екипата на Гема Пласт додека Жито Југ со поените на Веле Темелков во последните секунди од натпреварот ги доби Бараба Транс.
Понесен од атмосферата и пласманот на неговите миленици, кошаркарите на Жито Југ, организаторот Томе Арсов се реши токму во тој момент да го игра своето финале. Имено тој со помош на останатиот дел од организацијата со долг љубовен транспарент и голема бакалијада клекна, пред како што рече тој, неговата најголема мотивација, неговата девојка Марјана Стојанова која го кажа судбоносното „ДА“. По емотивниот момент следуваше натпреварот за третото место во кое Бараба Транс беа подобри од Гема Пласт, додека во големото финале Такси Ирена славеше над Жито Југ. Во поединечна конкуренција, Александар Гочевски ја имаше најмирната рака во натпреварите за најдобар тројкаш на турнирот, росоманецот Настовски Мики го понесе признанието за најдобар кошаркар според публиката за што доби рачен часовник од директорот на „Жито Југ“, Драган Шандаров, додека Младеновиќ Марјан беше избран за МВП на турнирот.
Благодарни до спонзорите Саше Транс, Инел, Жито Југ, Блаже Чики Компани, Хемометал, Аква Нет, Еригон, Триглав, Крал Џо, Мерлин и Кожувчанка, организациониот тим што неколку недели наназад работеше на успешноста на турнирот сосема заслужено ги собираат честитките за успешно завршената мисија, притоа најавувајќи и уште поголем спектакл за наредната година во која „Street Ball Ros” ќе го одбележи првиот јубилеј.