Дали екипата на ФМП ке се трансформира и дали ке продолжи во елитата или едноставно ке ослободи место за друг тим
Составот на Академија ФМП беше едно од пријатните изненадувања во последниве години во мак-баскетот. Тимот од Кисела Вода дебитираше во „елитата“ во сезоната 2019/20, а неполн месец подоцна стигна и до првата голема победа против најтрофејниот клуб, Работнички. Во трите сезони поминати во Првата кошаркарска лига клубот успеа да се наметне како тврд орев за сите противници притоа совладувајќи ги МЗТ, Гостивар, Еуро Никел, ТФТ…, елиминирајќи го и Пелистер во четвртфиналето од Купот на Македонија во 2021 година, беше дел и од БИБЛ лигата, а можеше да игра и во плеј-офот минатата сезона се додека не се појавија проблеми со обврската за трансформација во Акционерско друштво. Поради истата наместо во Суперлигата тимот играше во плеј-аутот, а овој пат истиот проблем може да му го одземе и прволигашкиот статус на тимот од Кисела Вода. Имено, според новите правила на КФМ секој тим кој ќе настапува и во регуларниот дел од сезоната мора да биде А.Д., а рокот за промена е до 15. август. Засега нема информации дали „академиците“ овој пат ќе успеат да ја направат трансформацијата, но според неактивноста на трансфер пазарот може да се заклучи дека на клубот не му се пишува добро. Ланските заминувања на Бре Ајви (МЗТ Скопје), Лука Стојановски (Еуро Никел), Стефан Крстајиќ (Пелистер) и Славчо Темелковски (Ангели), беа продолжени со летните трансфери на Оливер Двојаковски (Пелистер) и Леонид Тодоровски (Работнички), а на прагот на заминување е и Филип Бакоч. Академија ФМП и покрај прволигашките проблеми остана активен клуб во младинските категории каде стигна до сребрениот медал во категоријата за играчи до 16 години па останува да се види дали ќе успеат да ги направат потребните реформи и да им дадат шанса на младинците во Првата лига или пак неславно ќе заминат од прволигашката карта.
М. В.