Кошаркарите од Скопје го победија Фени Индустри со 80-69
Карпош-Соколи-од Скопје е новиот победник на Купот на Македонија, откако синоќа во салата „Јасмин“ славеше над Фени индустри со 80-69. Фени долго време беше и повеќе од достоен ривал, на моменти имаше и предност, но кавадарчани и покрај поддршката од трибините немаа сили да го издржат брзото темпо што го наметнаа избраниџите на тренерот Николиќ. Преморени по пеколниот дуел со МЗТ Скопје пред помалку од 24 часа, домашните играчи немаа сили за нова сензација.
Фени индустри бавно влезе во натпреварот, дозволувајќи им на гостите од Скопје да воспостават контрола над резултатот во почетните минути. Карпош Соколи имаше предност од 17-8, но потоа проработе шутот од далечина на домашните кошаркари. Следеа четири тројки во серија (две на Магдевски, по една на Петровски и на Пајиќ), па Фени набрзина стигна и до предност од 20-17. Првата четвртина заврши со водство на Карпош соколи од 21-20 .
Јасно беше дека Фени не може да го издржи истиот ритам во нападот уште долго, а кога домаќините почнаа да промашуваат, „соколите„ веднаш возвратија. Мавра и Пери беа неутрализирани во овој дел од мечот, но во финишот од полувремето во ритам влегоа Лабовиќ и Бојан Трајковски, па со нивните прецизни шутеви тимот на Карпош соколи замина на одмор со предност од пет поени (42-37).
Охрабрени по фуриозниот крај на втората четвртина, „соколите“ продолжија во ист и третаа четвртина заврши 55-52.
Последните десет минути повторно стартуваа со низа грешки на домашните кошаркари, кои многу тешко го наоѓаа патот до кошот на „соколите“.Карпош повторно поведе со десет поени (64-54), принудувајќи го Малинков на тајмаут. Карпош продолжи да ја зголемува позитивата, па на крајот овој интересен финален натпревар заврши со убедливи единаесет поени предност (80-69).
Мавра беше најефикасен со 21 поен, Лабовиќ постигна 17, а Пери и Зековиќ по 13 поени за Карпош соколи. Најдобри поединци кај Фени индустри во ова финале беа Кире Николовски со 19 поени и Андреј Магдевски, кој го заврши мечот со 10 поени, пет асистенции и шест украдени топки.
Николовски од Фени беше прогласен за најдобар стрелец, а за најдобар играч на турнирот Доминик Мавра од Карпош –Соколи.
Петар Наумовски-претседателот на КФМ му додели благодарница за успешната организација на турнирот за купот на Македонија во Кавадарци на генералниот менаџер на организаторот на турниот компанијата ЛИМАК.Тој пак на крајот на церемонијата на свеченото завршување му го предаде трофејот на кошаркарите на Карпош Соколи , кој пак бодрени од своите навивачи и градоначалникот Стевче Јакимовски заслужено се радуваа на овој успех.(Видео инсерти од финалната средба Фени Индустри-Карпош Соколи)