Првенството во кик бокс се одржа во саботата во Скопје.
Клубот за боречки вештини „Будо“ од Кавадарци има и повеќе од сериозен проблем да ги смести сите пехари и медали кои борците од клубот ги освојуваат на натпреварите во земјата и странство. Потврда за тоа се и единаесетте медали кои кавадаречките борци ги освоија на државното првенство во кик бокс кое во саботата се оддржа во Скопје.
Кавадаречкиот тим настапи со 12 кик боксери во дисциплините лоу кик и кик лајт. Филип Ризов уште еднаш ја потврди својата доминација во својата категорија, освојувајќи ги златните медали во дисциплините кик лајт и лоу кик. Златни медали освоија и Александар Велков, Блаже Настов, Синиша Милошевиќ, Марјанче Кендеровски. Со сребрени медали се закитија Јован Костов, Милан Милошевиќ и Никола Станоев, додека Никола Бојовски и Александар Захарчев освоија бронзени медали.
За прв пат на овој шампионат Кавадарци доби и судиски претставник во името на Александар Ристовски кој судеше на 68 борби во дисциплините поинт фајт и кик лајт. Ристовски е еден од првите судии од нашиот град во оваа боречка вештина, а неговите амбиции се добивање лиценца за судење на натпревари од поголем карактер.