Протест против бегалски камп денеска во Демир Капија во организација на Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија.
Еден од организаторите на иницијативата, Борис Дамовски рече дека целта е заживување на дејствувањето на оваа иницијатива на првиот ден од новата Влада и над осумдесет денови протести во рамките на четвртиот Илинден.
-Демир Капија ја одбравме симболично. Затоа што ова е железната порта на Македонија, што минатата година беше жариште на мигрантската криза. Сето ова е направено на брзина и е само вовед во една поголема мигрантска криза која и се спрема на Македонија, чија крајна цел е се разбира промена на името. И иницијативата за заедничка Македонија брзо чекори во тој правец, да ги санира колку толку проблемите, нагласи Дамовски. Тој информираше дека почнуваат со серија панел дискусии, со стручни учесници кои на друг начин ќе ја распостелат проблематиката на оваа повеќегодишна криза во Македонија. -И се надеваме од тоа ќе испаднат некои заклучоци кои конечно ќе доведат до зачувување на законитоста во Македонија. Ние остануваме во своите барања да се одржат предвремени нови избори каде што со отворени карти сите партии сите политички чинители ќе влезат во политичка борба. Присутните ги поздрави и Игор Дурловски. Демиркапискиот градоначалник Трајче Димитриев рече за МИА дека и самиот сега дознава дека ете можеби некој планира бегалски камп да никне близу железната порта. -Тоа е поранешен втор објект на Специјалниот завод. Го имавме како владин проект, за изградба на регионален центар за стари лица. Но изгледа државата немаше пари и тој проект не се реализира. Во неколку наврати барав државата да ги отстапи тие објекти на општината и да најдеме инвеститор кој ќе инвестира. Но не успеавме во тоа, ни појасни тој. Ни нагласи дека и самиот е против бегалски камп тука. -Јас сум против таа работа, одма кажувам. И ние толку многу веќе инвестираме во туризмот, тоа не ни треба да го донесиме овдека. Зошто ни е нас бегалски камп во едно златно мирно место убаво, кое нема ни индустрија, убаво зелено место. Ете туризмот го почнаме веќе, одиме ептен по нагорна линија да го развиваме, мене камп не ми треба за таква работа. Во такви кампови влегуваат секакви луѓе. Верувам дека ќе покренеме референдум по ова прашање и дека целото население ќе биде против камп. Дебело ќе се бориме против тоа, дециден беше Димитриев. Општината не добила барање за реновирање на објектот бидејќи се работело за објект од прва категорија за кој одлучувала државата. Како што дознавме во општината, нив само ги прашале дали треба да се платат комуналии за реновирање на објект, на што одговорот бил дека не треба, бидејќи не се предвидува нова површина за градење. Според скиците за реновирање кои предвидувале соби за времено сместување на повеќе лица и купатила, општинарите помислиле оти објектите се спремаат за стари лица или за штитениците на заводот. Бидејќи во последниот период имало неколку раководни лица на министерството, во општината велат дека не знаат чие масло е всушност кампот. Дали некој има скриени намери, или нема, не знаат. Ако навистина овде се планира камп, Димитриев размислува веднаш да се распише референдум.