На прес конференцијата, потпаролот Вуко Мелов го критикуваше зголемувањето на Данокот на имот во Општината
„Во изминатите неколку денови на граѓаните на општина Кавадарци им беа доставени решенијата за обврската за плаќање на данокот на имот. Изненадувачки е фактот што даночната обврска за данокот на имот за 2018 година кај голем број на граѓани е зголемена неколкукратно во однос на минатата. Од една страна ВМРО- ДПМНЕ како политичка партија се залaга за пониски даноци, а од друга страна нивниот партиски потпретседател Митко Јанчев ги зголемува даночните обврски на граѓаните на општина Кавадарци.
Ваквото зголемување на даночната обврска за данокот на имот, за тековната 2018 година, предизвика очекуван револт кај граѓаните на општина Кавадарци. Бидејќи даночните стапки не се променети, прашуваме на кој начин е извршено зголемувањето на даночната обврска за данокот за имот? Како граѓаните кои имаат иста површина на недвижен имот, во минатите години плаќале помалку данок во однос на износот што му се наметнува за тековната 2018 година?
Општина Кавадарци и градоначалникот се должни да ги одговорат овие прашања на граѓаните.
Кај дел од граѓаните се појавуваат и други проблеми во однос на ова прашање. Имено направени се грешки во решенијата за данокот на имот. Кај одредени граѓани во нивната даночна основа е вметнат имот кој не е во нивна сопственост. Поради непрецизно сработената работа на општина Кавадарци, овие граѓани се изложени на дополнителни административни трошоци за докажување на имотот кој тие го поседуваат.
Од кого градоначалникот Митко Јанчев ги добива овие идеи за зголемување на обврските за данок на граѓаните на општина Кавадарци. Дали овие идеи доаѓаат од него самиот, или од неговиот политички ментор Панчо Минов.
Ги повикуваме надлежните институции, во интерес на граѓаните на општина Кавадарци да ја испитаат законитоста на ова зголемување на данокот на имот од страна на градоначалникот Митко Јанчев.“, се вели во изјавата која денеска во име на ОО на СДСМ ја презентира Вуко Мелов-портпарол на партијата во Кавадаарци.