На 19 септември- 1869 година во село Ваташа во просториите на училиштето “Даскал Камче“ е отворено читалиште.
Ваташкото читалиште е едно од првите читалишта на село во Македонија во тоа време. За да набават книги, весници и списанија ваташани организирале добротворна акција на која: Хаџи Ѓорѓи Китанов подарил 20 гроша, Димитар Стојанов-39 гроша, Алекси Поп Стефанов-учител 21, Даскал Тодор 90, Христо Златев 21, Ѓорѓи Атанасов-21, Стојко Усков-40, Стојан Станоев-35, а од останатите присутни уште 112 гроша. Дека ваташани имале афинитет и љубов кон книгата ни кажува и фактот што од вкупно 312 претплатници на книгата “Служение еврејско“, 38 биле од Тиквешијата, а 13 од нив биле ваташани. Покрај книги во читалиштето имало и многу весници и списанија како в.“Македонија“, “Цариградски весник“, “Источно време“ и други.