Градоначалникот на Кавадарци со Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов денеска извршија увид во изградбата на нов мостот на реката Луда Мара во село Ваташа, Општина Кавадарци.
Инвестицијата е во вредност од околу 480 илјади евра, а средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.
Новиот мост се очекува да биде изграден до февруари идната година.
„Овој проект е од огромно значење за жителите на Ваташа и го реализираме на нивно барање. Како што забележавме, градежните работи се одвиваат добро и очекуваме новиот мост да биде завршен во предвидениот рок. Во делот на изградбата и реконструкцијата на патната мрежа сакам да споменам дека набрзо ќе започне да се реконструира регионалниот пат Кавадарци – Росоман. Исто така во тек е изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, а до ноември оваа година очекуваме да биде завршена рехабилитацијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија. Сето ова е дел од големиот инвестициски циклус во патната инфраструктура што го најавивме. Во моментов низ целата територија на Република Македонија се работи на реализација на проекти во висина од преку 800 милиони евра, што е историски највисока инвестициска програма за подобрување на квалитетот на патната мрежа во државата. Ова претставува доказ дека сме максимално посветени на изградба на квалитетна патна инфраструктура, со која од една страна ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и патници, а од друга страна ќе стимулираме пораст на БДП и ќе создадеме услови за економски раст на земјата“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев го нагласи значењето на мостот за Ваташа и за цела Општината. Инаку Јанчев наведе дека е во тек тендерската постапка изградбата на кејот на реката од последниот мост до зградите „Силекс“.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека покрај изградбата на овој мост ќе се изгради и пристапен пат до мостот, со цел жителите на с. Ваташа да можат безбедно да се движат.