МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

По неколкуте успешни изведби во Кавадарци и наградите од меѓународни фестивали учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ со мјузиклот „Кралица на танцот” гостуваа во Шведска во училиштето Курт Николин со кое кавадаречката гимназија веќе неколку години по ред успешно соработува и реализира заеднички проекти. Мјузиклот блесна на сцената во Финспанг пред публиката – ученици од Курт Николин кои не останаа рамнодушни и цел час се забавуваа со рефрените од хитовите на групата АББА.

Соработката со Курт Николин продолжува и понатаму. Учениците од кавадаречката гимназија имаат голема желба да ја посетат Шведска, да се запознаат со нивната култура, да го запознаат нивниот образовен систем, но и шведските ученици се заинтересирани за Македонија, за Кавадарци и кавадаречката гимназија.Од минатогодишната посета на Финспанг, ученикот Ристе Мицев одлучи своето школување да го продолжи во Курт Николин и оваа учебна година веќе е нивни ученик.

Гимназијата „Добри Даскалов” е меѓу ретките училишта во кои учениците преку најразлични проекти, воннаставни активности патуваат во повеќе европски земји, ги прошируваат своите видици, разменуваат искуства и ги споделуваат со останатите ученици во интерес на училиштето и унапредување и осовременување на наставниот процес.