МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Општата болница од Кавадарци ќе стане сериозен ургентен центар, најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров, кој во изјава за медиумите, информираше за новата опрема која ќе ја добие болницата, во вредност од околу 900 илјади евра.

Министерот соопшти дека Оштата болница од Кавадарци ќе добие нов компјутерски томограф, со што за неколку скалила ќе го подигне нивото на јавната здравствена установа. Никогаш порано овде немало такво нешто. Со неговата набавка, Кавадарци ќе стане центар во овој дел на државата, каде ќе се изведува оваа дијагностичка процедура, која е од исклучително големо значење.Со менаџментот на болницата, докторите и началниците на одделенијата, беше разговарано за функционирање то на јавната здравствена установа, за можната локација каде што ќе биде сместен компјутерскиот томограф.

-На еден начин тоа ќе овозможи брза реакција на здравствените работници и брз пристап на пациентите до компјутерскиот томограф. Ова е особено важно затоа што при сите итни случаи од сообраќајки или мозочни удари, има потреба од ваков тип на дијагностика. Практично ќе добиеме еден сериозен ургентен центар бидејќи договоривме покрај компјутерскиот томограф, да се направат и интернистичка и хируршка интензивна нега. Да се отпочне со проект за воведување на централни медицински гасови. Со тоа комплетно ќе се подигне нивото на целата болница и услугите кои ќе се даваат во неа, нагласи министерот.

Тој додаде дека станува збор за сериозен износ на финансиски средства кои ќе бидат вложени овде.

-Сето тоа ќе значи сериозно подигнување на квалитетот на установата, имајќи во предвид дека ќе се набават апарати кои досега ги немало, а за кои има сериозна потреба. Ќе се набават автоклави за стерилизација, нешто што е многу значајно во здравствениот сектор. Затоа што така се намалуваат интерхоспиталните инфекции, се олеснува целокупната работа на болницата. Ќе се набават колоноскоп, респиратор, нов операционен стол со светло. Бидејќи се набавува нов стол и нов анестезиолошки апарат, се договоривме да направиме уште една операциона сала. Сега има една сала за општа хирургија. Сакаме да направиме уште една, што ќе биде комплетно опремена со нова опрема,информираше Тодоров.

Тој потсети дека неодамна овде беше набавен и ставен е во функција нов мамограф кој се користи од жителите во регионот.

-Тој претставува сериозно подигнување на нивото на болницата, тоа е во функција на сите пациентки но и во функција на мамографскиот скриниг, имајќи во предвид дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај женската популација, рече министерот.

На средбата беше разговарано и за бројот на пациенти, за идни планови околу функционирањето на болницата. Сето тоа со цел унапредување на квалитетот на здравствените услуги кои се даваат во оваа установа.

Директорот на болницата Орцо Ангеловски рече дека министерот ја посетил установата за да се види каде ќе се смести новата најавена опрема. И тој повтори дека апаратите кои ќе ги добијат, ќе го подигнат нивото на квалитет на болницата.

-Пациентите нема да мораат да патуваат во други градови, ќе се формираат неколку нови оддели или во склопот на постоечките ќе има нови дополнителни интервенции кои досега не се давале, ќе се подобри дијагностиката, нагласи директорот.