ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА И КОНЦЕРТ НА ФЛЕЈТИ ЗА СИТЕ ЉУБИТЕЛИ НА УМЕТНОСТА
Со попуштањето на пандемијата културните збиднувања во градот земаат се опоголем замав. Утре, вторник 8 јуни е ден кога се предвидени два културни настани. Прво точно напладне во 12 часот во Музеј галеријата на град Кавадарци ке биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Филип Коруновски од Велес.
Уметникот е роден во 1987 год. и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде се стекнал со професионален назив Дипломиран графичар со модул графички дизајн каде што четири семестри посетува настава по предметите Обликување на простор и Сценографија. Во 2011-та година магистрира на истиот факултет на одделот за Скулптура и се стекнува со научен назив – Магистер по скулптура. Во 2016 година го формира колективот за визуелна уметност и видео визуелизации Edit Points со кој што работи на повеќе културни настани низ Македонија. Досега реализирал 2 самостојни изложби и тоа “Урбана синтеза” во ликовниот салон во Велес и “Nicht zu wissen” во Prima center во Берлин. Од 2014 година работи како сценограф во театарот Јордан Хаџи Константинов - Џинот во Велес.
Вториот настан е закажан за утревечер во 19 часот, во галеријата при Домот на култура „Иван Мазов Климе“ каде ке се оддржи концертот на флејти насловен како „Барокни игри“. Ке настапат Силвана Чулева Атанасова и Билјана Камчева. Бројот на публика во галеријата е ограничен на 30 % од капацитетот на истата а за време на концертот задолжитено е користење на заштитни маски и седење на поставените столчиња.
М.В.