Основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од Општина Аеродром доби нова сензорна соба направена со донација на Евроинс Осигурување кон проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија. Ова е втора донација на Евроинс Осигурување за целосно опремување на сензорна соба, откако минатата недела беше отворена сензорна соба во ООУ „Блаже Конески“ - Аеродром. На отворањето на сензорната соба присуствуваа Извршната директорка на Евроинс Осигурување - Ралица Губерова, претставници од училиштето, како и претставници на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.
-„Со оваа втора донација Евроинс Осигурување уште еднаш ја покажува својата општествена одговорност и безрезервна поддршка која ја дава за најранливите категории. Среќни сме што во краток период успеавме да опремиме две сензорни соби во училиштата „Блаже Конески“ и „Ѓорѓија Пулевски“ кои се наменети за учење и развој на учениците со попреченост. Воедно, се радуваме и благодарни сме за соработката со проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ и на можноста да го поддржиме инклузивното образование“ - истакна Ралица Губерова, Извршна директорка на Евроинс Осигурување. Директорот на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Марјан Јовановски изрази голема благодарност до Евроинс Осигурување и до Европската Унија во чии рамки се спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ и истакна дека сензорната соба ќе биде од огромна важност при работата со децата со попреченост.
-„Сметам дека сензорната соба ќе помогне да се унапреди вклучувањето на децата со попреченост во секојдневните училишни активности и ќе претставува катче за индивидуална работа согласно наставниот план“, истакна тој. Раководителот на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ – Елена Мишиќ, истакна дека со ваквите инфраструктурни подобрувања во училиштата значително ќе се подобрат условите за редовна настава на децата со попреченост и додаде дека крајната цел на проектот е целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта. Проектот „Биди ИН“ го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со своите партнери „Инклузива“ од Куманово и „Хандимак“ од Тетово.