Со намера да го спречи подемот на Народноослободителното движење, а во рамките на Јунската непријателска офанзива која се одвивала од 7 до 16 јуни 1943 г., бугарскиот окупатор покрај воените, презема и низа репресивни мерки. Окупаторот имајќи сознанија за активноста на партиската организација во Ваташа презема мерки за да го спречи ова движење. За таа цел од Скопје бил испратен бугарскиот обласен директор Димитар Раев. Во акцијата биле вклучени: Велешкиот, Битолскиот и Прилепскиот полк, граничните подучастоци од Конско и Мрежичко, сите полициски сили од Тиквешијата и Гевгелиско, специјален полициски одред и група полициски агенти од Скопје на чело со Борис Жуглов, а сите под команда на бугарскиот полковник Љубен Апостолов. На 16 јуни 1943 г. бугарските полицајци го извршуваат првото апсење. Го приведуваат Диме Чекоров, кој бил испратен во Кавадарци на испитување кај агентот Борис Жуглов. Наскоро од Кавадарци стигнал список со имиња за апсење. Според подготвениот список бугарските полицајци ги уапсиле младинците. Двајца полицајци го донеле од Кавадарци Диме Чекоров, со крвави рани по лицето и телото. Откако сите биле донесени во кафеаната, започнало крвавото иследување и крвничкото тепање. Од младинците се барало да одговорат за целта на првомајскиот собир, за нивното следење на програмата Радио Москва, за врските со партизаните и за криењето на илегалци. Со наредба на полковникот Љубен Апостолов уапсените младинци требало да бидат стрелани. На патот од кој никогаш нема да се вратат заминуваат: Перо Видов, Ванчо Гурев, Данко Дафков, Илија Димов, Ристо Ѓондев, Блаже Ицев, Герасим Матаков, Пане Мешков, Ферчо Поп Ѓорѓиев, Васил Хаџи Јорданов, Диме Чекоров и Пане Џунов. Со нив се спроведени и четирите младинки од селото: Невена Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Ката Ицева и Павлина Касапинова. Околу 13 часот пристигнале во месноста ,,Дулово долче“. Поручникот Костов им рекол да се наредат еден до друг за да ги фотографираат, обидувајќи се да ги припои девојчињата кон младинците. Но, полицискиот началник Петко Опреков му се спротивставил, затоа што тоа не било наведено во наредбата. Во меѓувреме Васил насетувајќи дека нешто лошо се подготвува, започнал да трча кон реката, обидувајќи се да избега. По него тргнале Диме Чекоров и Герасим Матаков. Костов, иако во почетокот бил изненаден од смелоста на младинците, веднаш им издал наредба на војниците да стрелаат. Војниците како по заповед ги извадиле бајонетите и да бидат сигурни дека успешно ја завршиле работата започнале со нив да ги бодат телата на младинците кои сеуште покажувале знаци на живот. Заслужена казна ги стигнала сите актери во овој масакр во Ваташа. Поручникот Костов и помошникот на полицискиот началник од Кавадарци Петко Опреков биле ликвидирани наскоро по капитулацијата на Бугарија. Љубен Апостолов на 3 ноември 1944 г. го откриле македонските емигранти во Софија. Бил приведен и донесен во Кавадарци каде му е судено како на воен злосторник. Народниот суд во Кавадарци го осудил на смртна казна. Полицискиот инспектор Димитар Раев и агентот Борис Жуглов биле осудени на смрт и стрелани во Скопје. Вечна слава!