Се почесто постоечките кошаркарски колективи регистрираат свои втори екипи.
Како никогаш досега годинава интересот за настап во сениорската кошарка е огромен, за што говори бројката од дури 42 екипи кои ќе се натпреваруваат во следната сезона во машка конкуренција, кои се објавени во билтенот број еден на Кошаркарската федерација на Македонија. Според Пропозициите за натпреварување, првите два ранга ќе имаат по 12 тима, додека рекорден е интересот во Третата лига, каде што ќе се натпреваруваат дури 18 екипи. Учеството на две од нив се уште виси во воздух бидејќи треба дополнително да достават решеие од Централниот регистер, што секако е само формалност која секако ќе биде исполнета. Според познавачите, причина за ваквиот „наплив“ за тимови е спортскиот ваучер кој го доделува државата, пари кои не се за потценување ниту за тие во третолигашката конкуренција, а кои и тоа како ќе бидат слатки за нивните сопственици со оглед на релативно малите трошоци. Ова е и причина за хиперпродукција на втори екипи на веќе постоечките кошаркарски колективи, нешто што прв го промовира МЗТ Скопје и тоа пред појавата на ваучер-системот. Ако аеродромци до пред некоја година беа единствени во ова, сега свои филијали во пониските рангови имаат Работнички, Куманово, Гостивар, Вардар, Феникс, па и ТФТ, кој неодамна ја промовира соработката со скопскиот третолигаш Спарта, која треба да им биде втор состав. Во женска конкуренција остануваат да се натпреваруваат вкупно 16 тимови, поделени во Прва А и во Прва Б лига. Како куриозитет е и што машкиот вицешампион Пелистер под истото акционерско друштво пријави и женска екипа, додека женскиот прволигаш ЖКК Про Баскет пријави и екипа во машката Трета лига. Официјално во првата лига мажи ке се натпреваруват - МЗТ Скопје, Куманово, Струмица, Работнички, Феникс, Гостивар, Кожув, Еуро Никел, Академија ФМП, Чаир, ТФТ и Пелистер. Втора лига мажи - Баскет Кам, Вардар, Куманово, Ангели, Соколи, Работнички 2018, Шкупи, Црн Дрим, ГКК Охрид, Водно санс, МЗТ Скопје 2 и Борец баскет. За третата лига мажи пријавени се ЖКК Про Баскет, Младинец, ИБА Баскет, МКК Вардар, Маџари, Струмица, Мега Баскет, Дибра Еаглес, Љуботен, Ролинг 08, Хераклеа, Овче Поле, Албес, Спарта, Феникс баскет, Баскет Дино, Тетекс ТТК, Гостивар 2.Во прва лига жени група А учесници се Баскет Кам, Вардар, Струга 2009, Бадел 1862, Крива Паланка, Про Баскет, ЖКК МЗТ Скопје и Гризли, а во прва лига жени група Б гоинава ке играат Пониква 2022, Спорт тим, Риниа, Патриот, Шкупи, Гостивар, Трокал и КК Пелистер АД.
М.В.