На 3 април 1921 година во с.Ваташа е роден Наќо Ангелов-Рочко.
Се образува во Ваташа, Кавадарци и Скопје. Во напредното младинско и револуционерно движење се вклучил уште во 1940 година, а во 1941 година станал секретар на една скоевска група во Ваташа. Во 1942 година бил определен да се грижи за сместување и исхрана на една група партизани од велешкиот одред “Димитар Влахов“. По илегализирање на брат му Димката во 1942 година Наќо и неговиот татко Ташо се уапсени и затворени во кавадаречкиот затвор. Тој е еден од првите борци на одредот “Добри Даскалов“, а потоа неговиот борбен пат продолжува во батаљонот “Страшо Пинџур“ и Втората македонска ударна бригада. Во 1944 година бил назначен за политички комесар на партизанската болница во Зборско. По ослободувањето бил назначен за прочелник на просветниот оддел во кавадаречко. Бил обвинет за имфорбировски дејности и бил приморан да ја напушти Југославија и да замине во Чехословачка каде работи како градежен инжинер. Ја имав таа чест да го запознаам на една средба во 1985 година во Скопје и по изложбата што ја направив за Димката Габерот многу често да комуницираме по телефон и разменивме многу писма. Наќо почина во Прага на 13 април 2003 година.