30 црвени и 18 бели вина, и 14 ракии, го вршат стручни лица енолози од Здружението на винари од Македонија.
Во Неготино денеска се избираат најдобрите вина и ракии произведни во домашни услови, во рамките на традиционалната манифестација “Недела на виното”, посветена на верскиот празник “Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите. Изборот преку дегустација на пријавените мостри од 30 црвени и 18 бели вина, како и 14 ракии, го вршат стручни лица енолози од Здружението на винари од Македонија. -На општо задоволство, годинава имаме најголема масовност во поглед на пријавените примероци чиј квалитет се оценува. Наградите ќе бидат свечено доделени на самото празнување во вторник, на градскиот плоштад во Неготино. Се надеваме дека со симболичното наградување ќе мотивираме во иднина интересот за ваквиот натпревар да биде уште поголем. Тие што се во можност пак, да пристапат кон регистрирање на професионални винарници, рече неготинскиот градоначалник Ванчо Апостолов во изјава за медиумите, нагласувајќи ја одличната соработка со Здружението на винари.Потсети дека во рамките на манифестацијата се одржаа и ќе се одржат бројни други настани. Се одржа предавање во организација на општината, за примена на енолошки средства во производство на вина во домашни услови наменето за лозарите од Тиквешко и сите оние кои произвадуваат домашно вино, предавач беше магистер Игно Тасев, претседател на Здружението на винари од Македонија и претставник на компанијата “Тохем”. Утре следува друго, на тема “Состојба и перспектива на вранецот во Република Македонија”, со предавач проф.д-р Виолета Димовска од Факултет за земјоделски науки при универзитетот “Гоце Делчев” од Штип. Апостолов упати покана до сите заинтересирани, да бидат дел од активностите кои следуваат во рамките на манифестацијата и од централниот настан на симболично закројување на винова лоза во вторник. Вината и ракиите ги дегустираат неколкумина стручни лица, меѓу кои и Соња Перковска од винарија “Мовино”. -Меѓу вината што ги дегустираме има и фаворити и просечни вина, нема вина со лош квалитет. Mногу е битно што од година во година, домашните производители одат напред, кога е во прашање квалитетот на нивните вина. Тоа значи дека домашните производители покрај тоа што ја почитуваат традицијата, веќе слушаат и совети од стручни лица. Многу се внимава на технологијата, постапките, хигиената при производството и така се добива се подобар и подобар квалитет на нивните вина. Убаво е да се продолжи оваа традиција, тие да имаат и мотив за понатаму, вели Перковска.Притоа нагласи дека изминатата берба на грозје беше многу добра бидејќи имаше мошне квалитетно грозје. Тука е и искуството на домашните производители, кои со години се занимават со оваа работа, но и едукацијата. Сето тоа, додаде, придонесува до учество на се повеќе вина на овој натпревар, но и поквалитетни, а и натпреварувачкиот дух е веќе присутен.