Кошаркарите на Фени Индустри ќе се обидат да го вратат пехарот од меѓународниот меморијален кошаркарски турнир „Димитар Ѓорѓиев“ во своите витрини и тоа токму од сеуште актуелниот освојувач, МЗТ Скопје, откако вчера двете екипи беа подобри од своите противници во полуфиналните натпревари од меморијалот.
Во првиот натпревар на турнирот, МЗТ Скопје дури во второто полувреме успеа да го скрши отпорот на косовскиот вицешампион, екипата на Пеќ, за на крајот да слави и убедлива победа од 75-57. Темс со 16 беше најефикасен играч кај МЗТ, за кој по 12 поени постигнаа Клоф, Мејси и Лалиќ, додека кај Пеќ најрасположени за игра беа Рид со 20 поени и Нихановиќ со постигнати 12 поени
На паузата помеѓу двата полуфинални натпревари следеше и официјалното отворање на турнирот на кое зборуваше заменик генералниот директор во Фени Индустри, Никола Ризов, кој на кратко се осврна кон животниот пат и визионерството на Димитар Ѓорѓиев, а традиционално, потфрлањето на топката го изведоа наследниците на Ѓорѓиев, Димитар и Давид.
Веднаш потоа следуваше и вториот полуфинален натпревар помеѓу Фени Индустри и Кожув кој донесе изедначена, рамноправна и крајно возбудлива битка во текот на сите 40 минути. Драмата траеше се до последната секунда од натпреварот, во која најпрво Абрамовиќ погреши од линијата за слободни, по што мораше да го промаши и второто слободно фрлање, но и покрај офанзивниот скок, гостите го промашија шутот за изедначување, за конечни Фени Индустри - Кожув 78-76. Павиќ со 25 поени беше убедливо најефикасниот играч кај Фени, а на врвот на листата на стрелци се најдоа и Шарабидзе со 14 и Чешковиќ со 12 поени. Кај Кожув Мек Нил и Абрамович постигнаа по 15 поени.
Согласно програмата, турнирот завршува денес со натпреварите за трето и прво место. Во малото финале кое на програмата е во 15 часот се среќаваат Кожув и Пеќ, додека во битката за трофејот Фени Индустри го очекува актуелниот шампион МЗТ Скопје, во натпреварот кој е закажан за во 17 часот. Влезот за двата натпревари е бесплатен.