Со еден сребрен и еден бронзен медал, џудистите од џудо клубот „Кожувчанка“ го завршија настапот на силниот меѓународен турнир за пионери, кадети, јуниори и сениори кој викендов се оддржа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.
Во конкуренција на 350 натпреварувачи од Македонија, Грција, Бугарија, Косово, Црна Гора, Србија, Романија, Турција, Русија, Хрватска и Босна и Херцеговина, Благица Колева стигна до сребрениот медал во категоријата до 57 килограми, додека Игнат Петров освои бронза во категоријата до 27 килограми.
Колева во реприза на финалето од турнирот во Аминдио, Грција повторно беше поразена од својата врсничка од Турција, па мораше да се задоволи со сребрениот медал, додека пак Игнат Петров беше поуспешен во натпреварот за третото место, освојувајќи бронзен медал.
Инаку, на турнирот во Скопје покрај Колева и Петров, боите на џудо клубот „Кожувчанка“ ги бранеа и Марија Илиевска, Розе Милкова, Филип Здравев, Никола Петров, Предраг Милошевиќ, Благој Тодоров, Сашко Гинев и Миле Плачков, кои иако прикажаа добри борби не успеаа да стигнат до медал и да ги повторат постигнатите резултати од претходните натпреварувања.
„Задоволен сум од прикажаните борби, но не и од резултатите, за што голем удел има и заморот и повредите кај дел од џудистите од претходните натпреварувања. Поради овие причини приморани сме да го откажеме и учеството на турнирот во Ниш, Србија, кој е закажан за следниот викенд, но затоа пак ќе учествуваме на силниот меѓународен турнир во Софија, Бугарија кој ќе се оддржи на 26 и 27 ноември“ - ни изјави Марјан Колев, тренер на џудо клубот „Кожувчанка“.