МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Во новата брошура на Томе Крстевски -етнолог кустос во Музеј Галеријата преку проект подржан од Министертвото за култура се објаснува празнувањето на Курбан Бајрам кај ромите муслимани од Кавадарци

Муслиманите имаат два празника: Фитир Бајрам (Рамазан Бајрам или еид ал фитир) и Курбан Бајрам (еид ал адха).

Празниците во исламската религија немаат само свечана димензија,туку суштината на празникот и неговата филозофија е многу поголема.

Исламските празници следуваат откако ќе се заврши одредена задача или обврска. Фитир Бајрам (еид ал фитир) следува по завршувањето на месецот Рамазан, односно на крајот на една важна задача во овој месец: обврската за постење, еден од столбовите на исламот. Додека Курбан Бајрам се прославува во текот на извршувањето на петтата исламска должност или услов Хаџ. Курбан бајрам е демонстрација на исламската солидарност преку Курбанот (пренесување на жртва) и потсетување на потребата за пресметување на извршените дела во текот на годината.

Курбан Бајрам трае 4 дена (од 10 до 13 зулхиџџе,односно дванаесеттиот месец според хиџеретскиот/лунарниот календар) и се нарекува празник на жртвата,затоа што тогаш се принесува жртва-курбан.

На првиот ден од празникот се изведува молитва за Бајрам-Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од семоќниот Ал-лах. џ.ш.

Каректеристично за овој празник е пренесувањето на жртва-курбан,која има симболика на приближување кон Бога. Најчесто за курбан Бајрам се принесува овен или овца,кои се доволни за еден верник. Но, не се исклучува и крупниот добиток , кој е доволен за седум верници. Принесувањето жртва во името на Ал-лах го извршуваат сите муслимани кои имаат финансиска можност.

Пред да се изврши колењето, се кажува молитва. Оние кои принеле жртва месото од курбанот го делат на три дела: за сиромашните, за соседите и роднините и дел за семејството.

Курбан Бајрам секогаш паѓа во ист ден според исламскиот календар, но според грегоријанскиот календар,датумот е различен од година во година,бидејќи исламскиот календар е приближно 11 дена пократок од соларниот календар.Секоја година Курбан Бајрам (како и другите исламски празници) се празнуваат на различни грегоријански датуми.

1. Хаџ

Хаџ е посета на неколку милиони муслимани во светите места Мека и Медина. Тие доаѓаат од сите страни на светот кон чесниот Храм како би се извршила молитва на петтиот столб на Исламот-Хаџ , кој возвишениот бог ги пропишува. Хаџ е должен секој муслиман да го направи во моментот кога ќе се стекнат материјални услови за тоа.

Аџијата е Алахов гостин на кого му се пружа прилика да му бидат опростени сите грешки, и затоа милиони муслимани секоја година се собираат на тлото на кое чекорел Мухамед, нека мирот и спасот Божји бидат со него.

Самиот чин на курбанот е повторно проживување односно ослободување на зборовите на самиот себе со божјите зборови,неговата воља и законот.

Тоа се гледа најдобро за време на Хаџ, тогаш се слави Курбан Бајрам во време на најцврсто заедништво на човечката душа околу заедничката цел. Тоа е настан кој претставува единствена слика на еднаквост и братство на земјата.

Според шеријатските правила (прописи) хаџот е еден од петте исламски темели.Меѓу нив ги има и оние кои изминале долг пат.

Празникот Курбан Бајрам секогаш паѓа во последниот исламски месец зул-хиџџе или дванаести месец, десети ден од лунарниот календар според кој се води Исламот.

Во овој месец кај прпадниците на исламската вероисповед се одвива аџилакот во светите места Мека и Медина. Самото име на празникот Курбан Бајрам означува давање жртва по извршениот аџилак. Курбан Бајрам всушност го слави завршувањето на Куранот

Три важни верски знаменитости се врзуваат за деновите на Курбан Бајрам:

- Завршување на објавата на Куранот

- Одвивањето на хаџот (аџилакот во Мека и Медина)

- Колењето на Курбанот

Курбан Бајрам или Хаџи-Бајрам е муслимански празник кој се празнува два месеци и десет дена или 70 дена од завршетокот на Рамазан Бајрам. Муслиманите ширум светот и секако муслиманите Роми од Кавадарци првиот ден на празникот го жртвуваат своето најдобро животно како симбол на спремност кон пратеникот Ибрахим кој го жртвувал својот син за Бог, но Бог се замешал во последен момент и наместо синот на пратеникот Ибрахим му дал да жртвува овен.

2. Принесување на жртва

Една од формите на жртвување во исламот е институцијата курбан,која е најзначајна каректеристика на празникот. Според него го добива и името,еид ал адха или Курбан Бајрам, затоа што на овој ден муслиманите од сите страни на светот принесуваат жртва.

Жртвата е симбол на побожноста и потчинетоста кон семоќниот Ал-лах. Со принесувањето на жртвата,месото и крвта не стигнуваат кај Ал-лах, туку одлучноста,намерата и мотивот на човекот и волјата да се достигне повисок степен на духовни вредности.

Курбанот претставува триумф на духовното и верско кај човекот врз материјалното и верската небрежност.

Покрај останатите димензии,курбанот има и социјална димензија.Тој е доказ за меѓусебна посветеност на граѓаните за пружење на материјална и морална помош. Со ова муслиманите духовно се образуваат и се зближуваат,истовремено триумфираат над себичноста и стапуваат на сцената на хуманоста и солидарноста,меѓусебната помош и соработка.

Важна специфичност со која се каректеризира овој празник,која што често не се споменува,е времето и месецот на прославата.Овој празник се слави во текот на последниот месец на Лунарниот календар.

Креативниот карактер на исламот се демонстрира преку тое што изминатиот труд и напор го поврзува со две институции кои бараат подготвеност и морален и материјален напор: хаџот и курбанот,кои што симболизираат кулминација на потчитувањето.

Хиџератската година завршува со собирање на муслиманите на еден свечен собир на курбан бајрам,истакнувајќи ја исламската солидарност во извршувањето на петтиот исламски столб.

Со поклонување,жртвување,солидарност,хуманост,побожност,посветеност и великодушност и со учење од минатото искуство и од историски настани,завршува годината на лунарниот календар.

Подготовки за славење на празникот се:

1. Миење на телото.

2. Облекување на убава облека.

3. Одење во џамија за клањање на курбан бајрам намаз.

4. Одење во џамија пешки.

5. Одење во џамија од еден правец и враќање од друг правец.

Муслиманите Роми од Кавадарци Курбан Бајрам го започнуваат да го слават со одење во Џамија во раните утрински часови на “сабах намаз“, го чекаат изгревањето на сонцето и се поклонуваат на “бајрам-намаз“. Молитвата е составена од два ,,рекати,, и се изведува на следниов начин:

Откако верникот ќе одлучи да го изведе овој намаз, ќе земе текбир односно изговарање на зборовите ,,Ал-лаху екбер,, кревајќи ги рацете до долниот дел од ушите. Потоа ги врзува рацете,десната врз левата под папокот.

Имамот и џематот учат молитва во тишина. Се изведуваат три текбири потоа имамот го учи поглавјето ел-фатиха и едно друго поглавје или неколку ајети (цитати од куранот) пожелно е да се учи поглавјето А’ла или Каф,па се оди на руку (начин на поклонување).Се станува од руку и се оди на сеџде (начин на поклонување).Се објавуваат две сеџди и се станува на вториот рекат.По завршувањето на првиот рекат се објавува вториот кој е идентичен како првиот,со таа разлика што по поглавјето фатиха пожелно е да се учи поглавјето ал-гашије или ал-камер, по што се изведуваат три текбири, на четвртиот се оди на руку,па на сеџде и се седи на тешеххуд(седење по објавување на двата намази).

Следува честитање. Се продолжува со “мезарја“-молитва. Верниците од Џамијата се упатуваат дома каде се припремаат за жртвата Курбанот по правилата на шеријатот.

Родителите ги даруваат своите деца и децата од комшиите кои рано првиот ден доаѓаат да честитаат празник, добивајќи новчани поклони. Обичајот е куќата посебно да се исчисти за овој празник, а верниците свечено да се облечат.

Молитвата која се учи при принесување на жртвта,во превод е:

Во името на Ал-алах

Ал-лах е најголем

О Ал-лах,тоа е навистина од тебе и за вас

О Ал-лах, прифати го ова од мене

Принесувањето на жртва кај Ромите муслимани од Кавадарци секако е дел од обичаите кои владеат на овие простори. Овенот како симбол на жртва востановен од Куранот каде зарекнувањето на Аврам-Ибрахим дека своето чедо ќе го принесе како жртва пред бога. Исмаил е новороденче кое е зачнато од пророкот Аврам и слугинката на неговата жена, иако пророкот имал доста години. Но, господ бог помогнал да се зачне ова дете, кое подоцна ќе требе да биде жртва пред бога. Исмаил на 11-12 години почнал да му помага на својот татко околу куќата. На сон на пророкот му дошло да својот син го даде како жртва пред бога како беше ветено, па затоа утредента колел камили. Верчерта повторно на сон му дошло да ја заврши зададената задача и повторно утредента колел говеда. Третата вечер на сон му дошло дрво палма, пред шаторот на дрвото имало нож со кој требе да го принесе своето дете за жртва. Ова било знак за сигурен ден или Арифе.Утредента тој и порачал на сопругата да го избања Исмаил и да се спремат за принесување на жртвата.Таа му ставила к`на на главата за да го одбележи дека е Курбан. Аврам го носе на местото каде ќе биде принесена жртвата пред бога. На местото каде требе да се принесе жртвата пророкот Аврам почнал да сече со ножот, но детето почнало со нозете да мрда и кажало, О татко затвори ми ги очите за да не гледам како ме сечиш. Но,повторно не можел да ја изврши зададената задача, пророкот замавнал од лутина со ножот спрема каменот во близина и го пресекол на два дела.

Аврам побарал од господа да му даде сила да го изврши овој чин ова дело. По ова пророкот го прашал ножот зошто не сече, се чул звук тоа бил ножот кој му кажал, О Авраме не знам на кого да бидам послушен дали на тебе или на господ бог.

Во тој момент од небото се спуштиле 72 000 ангели кои носеле овен кој бил замена за жртвата која требе да се принесе пред господ бог. Така детето останало живо , а на тој начин господ бог го искушал Аврам-Ибрахим. Самиот настан завршил онака како бил замислен со принесување на жртва. Аврам-Ибрахим симболично ,,пушта,, крв од неговото дете Исмаил, односно го обрежува. Од таму се води потекло за принесувањето на жртва Курбан и славењето на овој празник.

Курбанот кој се принесува во Кавадарци кај Ромите се одбира во зависност од финансиската моќ на тој што сака да ја принесе. Одбележаниот Курбан се мести со главата на исток, а нозете на запад.Се врзуваат трите нозе додека задната десна нога се остава неврзана за да може да мрда ,,Курбанот,, онака како што мрдал и Исмаил кога почнал Аврам-Ибрахим да го принесува како жртва пред бога својот син. Сето со своја симболика за зачетокот на верувањето кај луѓето кај сите религии.

Традиција исто така е домаќинот на семејството да принесе Курбан во зависност колку машки деца има. За да се принесе на секое машко чедо му се „тргне„ сето искушение во животот во период од една година односно до другиот Курбан.

По колењето на Курбанот месото се дели кај луѓето кои не может да принесат жртва за овој празник,потоа роднини и пријатели на оној кој коли Курбан и на крај оставаат месо во домаќинството од кој се спрема голем ручек за цела фамилија. Светото месо дел од Курбанот се симболизираат ангелите кои преку месото дават благослов во семејствата. Ручекот е дел од традицијата на Ромите муслимани за овој празник кој завршува со поставување на благо на трпезата.

Традицијата кај Ромите муслимани за време на празникот Курбан Бајрам налага да се оди и во посета на починатите на гробиштата. Со симболика од делови од Куранот во посета на починатите се оди на гробишта еден ден пред празникот или ,,сигурен ден Арифе,, кога мајката на Исмаил плаче на гробиштата и ги повикува починатите од семејството.Агара мајката на Исмаил ги моле починатите дека утре е тој ден Арифе кога треба да го пречекаат нејзиното чедо од принесувањето жртва.

Со осознавањето на традицијата и обичаите кај Ромите Муслимани од Кавадарци од празнувањата кај нив дознаваме многу различности и секако сличности на обичаите поврзани со духовната култура на различните етнички групи на овој простор.

Ова е само едно видување за традицијата на Ромите Муслимани од Кавадарци и запознавање на обичаите кои се дел од Куранот и неговото практицирање во животот.

Различностите и дел од обичаите во овој случај сигурно ќе побудат внимание во опкружувањето каде ќе придонесат за поголемо запознавање едни со други.

Автор: Томе Крстевски -кустос Етнолог

Едиција: Духовна култура, Верски обичаи кај Ромите муслимани во Кавадарци

Издавач:

Локален Музеј Галерија-Кавадарци

Главен и одговорен уредник: Весна Ѓорѓиева-директор

Автор и раководител на проектот: Томе Крстевски-кустос етнолог

Соработник Имамот на ИВЗ од Кавадарци: Тархан Шабанов

Фотографија и графички дизајн: Јадран Манчев

Печати: Печатница “Еко Колор Компани“, Кавадарци