По повод празникот св. Трифун, Музеј галеријаta се вклучи во програмата на Градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци со отворање на традиционалната изложба на ликовниот уметник од Кавадарци Лазар Дојчинов. Презентирани беа 40 дела во акварел, акрил и масло на платно со познатата тематика со претстава на вино, лозје, грозје и други карактеристични елементи од нашето поднебје. Пред многубројната публика изложбата ја најави директорот на Музејот Весна Ѓорѓиева а за ликовното и биографско творештво говореа новинарoт Мирјана Мукаетова, ликовниот уметник Горан Боев и д-р Виолета Димитрова - советник во Совет на Општина Кавадарци, која ја прогласи изложбата за отворена. Истата беше збогатена со поетско читање на поетесата Љубица Бошкова музичките нумери од учениците од ООМБУ “Лазо Мицев - Рале“ под менторство на проф. Горан ЈаневСв.Трифун празник на лозарите во Тиквешијата.

Одгледувањето на винова лоза и производство на вино е прастара традиција, таа почнува неколку милениуми пред нашата ера , а во Македонија и Балканот за време на Римското царство. Долгата традиција на производството и употреба на виното е влезена во свеста на народот. Виното како пијалок е присутно во филозофијата, религијата, во песните и во многу обичаи. Првите податоци за виновата лоза од овие простори се од периодот на Неолитот. Најдени се карбонизирани семиња од дива лоза што не значи и дека се произведувало вино. Првите докази за производство на вино на овие простори датираат од периодот на Антиката.Најдените фрагменти од вотивната плоча со претстава на винова лоза со богот Бахус “баханалии” ни докажуваат за произдвотство на вино на овие простори.Културата на виновата лоза е многу стара. Повеќето народи почетоците на одгледувањето винова лоза ги бараат во митските времиња. Според Грците тоа го сторил Дионис, а според Римјаните бил богот Бахус на кого му се принесувале жртви - погача, вино и жито. Гроздот е симбол на мудроста, а лозовата пенушка е атрибут на божествата на земјоделието и плодородието и го означува виното на животот, следствено и на бесмртноста. Симболизира жртвопринесување преку врската на виното и крстот.Св.Трифун 14.02. на овие простори се слави како заштитник на лозарите и овоштарите како во Тиквешијата така и пошироко. Иконописците на многу икони и фрески во нашите цркви и манастири Св.Трифун го прикажале како младо момче кое во десната рака држи срп , со кој ги кроел лозјата и ги калемел овошките. На овој ден во сите цркви се држи света литургија. Така во црквата Св.Димитрија во Кавадарци, во присуство на високо достојници на МПЦ се одбелажува овој ден. Во дворот на храмот се закројува симболично виновата лоза од нивна страна, во присуство на лозарите и луѓе од јавниот живот.Потоа ова чествување продолжува на лозовите насади каде исто така се врши симболично закројување како почеток на работите во тековната година.Св.Трифун на овие простори во минатото го славеле и меанџиите како покровител на меанџискиот еснаф.Сите лозари се собирале во меаните и денот го завршувале со опивање. Oвој ден e богат со многу прослави и веселби, а со тоа и одбележувањетo на овој светител, закрилник на лозарите и овоштарите од овој крај.Според преданијата плодот што го дава лозата е виното, со кое се врши Света причест замена на крвта Исусова и не случајно во православието на овој ден се слави милоста и љубовта Господова.Обичаите и верувањата поврзани со овој празник упатуваат на заклучок дека во неговата основа лежи некој голем претхристијански празник поврзан со првите пролетни активности, пред се со обработка на градините и лозјата.

Томе Крстевски- кустос етнолог

ПРОШЕТКА ПО НАСЛОВИТЕ НА ДЕЛАТА НА ЛАЗАР ДОЈЧИНОВ...(песна инспирирана од делата на Дојчинов.)

Ех да имам "Два силни коња"

Во кола од "Љубовна прегратка" да ги впрегнам,

по трагите на Божјата "Нафора да тргнам",

до вливот на "Тиквешкото"да стигнам.

По,од "Афионот" патеките да газам,

крај Еригон ко ветер да втасам,

да слушам тајни вечни на "Камења речни"

за "Гроздовите"созреани ко знамиња,

на "Лозови гранки" ко на девојчини рамења.

На "Вечната"љубов на "Гроздовите",

за златните зрна источени низ прстите,

во Божјото "Вино на љубовта преточени,

од навек од "Св.Трифун"миросани

на "Посна трпеза"распослани.

Ех да имам "Три брзи коња"

за миг да поминам"Тиквешијата"

водата од "Еригон" во вино да ја претворам,

на сечија трпеза среќа да наточам.

ЉБ.12.02.2020